Двајца дипломирани студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип се меѓу 14-те најдобри дипломирани инженери во државата кои годинава го добија престижното признание „Инженерски прстен 2026“.
Добитници од Универзитетот „Гоце Делчев“ се Тамара Атанасова од Факултетот за информатика и Стефан Спасов од Факултетот за природни и технички науки.
Свеченото доделување на признанијата се одржа на платото пред црквата „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид. На свеченоста се обратија претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Инженерската институција на Македонија, Андреј Лепавцов, и претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Дејан Метикош.
Во име на сите 14 наградени студенти на свеченоста се обрати Стефан Спасов од Универзитетот „Гоце Делчев“. Во своето обраќање тој се заблагодари за признанието и се осврна на патот што младите инженери го поминале во текот на своето образование, како и на предизвиците што им претстојат во нивниот понатамошен професионален развој.
Манифестацијата „Инженерски прстен“ се одржува под покровителство на претседателката на Република Северна Македонија и традиционално ги истакнува најуспешните млади дипломирани инженери. Годинешните добитници се номинирани од своите факултети и верификувани од Комисијата за верификација, согласно со Правилникот за наградување на најдобрите дипломирани инженери.
Признанијата за Тамара Атанасова и Стефан Спасов се потврда за нивната посветеност и постигнатите резултати во текот на студирањето, но и уште еден значаен успех за Универзитетот „Гоце Делчев“.
Универзитетот „Гоце Делчев“ им честита на Тамара и Стефан за значајното признание и им посакува многу успех во нивниот понатамошен професионален развој.


