Search

Студентите од УГД преку ACE2EU учеа инженерство од професионални мото спортисти

Споделете

Мартин, Душица, Михајло, Ајла и Столе, студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, беа дел од проектот „Development of Engineering Skills: Racing for the Future“ во Каунас, Литванија.

Проектот им овозможи да се запознаат со инженерството, технологијата и мотоспортот преку нови активности и средби со студенти од различни европски универзитети кои се во рамките на ACE2EU алијансата.

За Мартин Зарков, студент по право, особено интересно било тоа што имал можност да се вклучи во активности надвор од својата студиска област.

„Научив дека интердисциплинарниот пристап е исклучително важен и дека успешните решенија често произлегуваат од соработката меѓу различни професии“, споделува Мартин.

Престојот во Каунас му овозможил да се запознае со поинаква универзитетска средина, која се одликувала со современ пристап, интерактивна настава и силен акцент на практичната работа.

„Мислам дека УГД е на добар пат и може да биде рамо до рамо со европските универзитети. Членството во ACE²-EU и можностите за мобилност им даваат на студентите шанса да стекнат меѓународно искуство“, вели Мартин.

Посебно искуство за студентите била посетата на LIK Racing тимот, каде што одблизу се запознале со светот на мотоспортот.

„Видовме и искусивме многу нови работи. Сепак, најголем впечаток ми остави LIK Racing тимот“, раскажува Михајло Штерјов, студент на Економски факултет во Штип.

Покрај новите активности, важен дел од искуството била соработката со студенти од други европски универзитети. Заедничката работа им овозможила на студентите да разменуваат идеи, да учат едни од други и да се запознаат со различни перспективи. Проектот беше инспиративно искуство и можност за студентите на УГД да стекнат практично знаење и добијат поттик за напредок.

„Имавме можност да разменуваме идеи, да учиме едни од други и заеднички да работиме на задачите“, вели Ајла Хасановиќ, студентка на Медицинскиот факултет во Штип.

 

„Без размислување би аплицирала повторно! Ова искуство ми даде непроценливо практично знаење и голем поттик за напредок. Пресреќна сум што бев дел од него“, споделува Душица Андова, студентка на Факултетот по информатика во Штип.

Столе Данев, исто така студент по информатика, го опишува искуството со три збора: инспирација, дружење и авантура.