Search

„Италија – генијалност и стил: италијанската мода и кулинарство меѓу традиција, креативност и иновација“ – настан по повод Неделата на италијанскиот јазик

Споделете

По повод Неделата на италијанскиот јазик во светот, Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ организира настан со наслов „Италија – генијалност и стил: италијанската мода и кулинарство меѓу традиција, креативност и иновација“, предавања на проф. д-р Душица Попова од Факултет за туризам и бизнис логистика и проф. д-р Сања Ристески од Технолошко-технички факултет при УГД.

Настанот ќе се одржи на 27 октомври (вторник), во 12 часот, во Тренинг центарот на УГД. Тема на годинешната, XXVI Недела на италијанскиот јазик во светот е „Генијален јазик: осмислување, проектирање и создавање на италијански јазик“. Оваа тема се вклопува во рамките на новоформираната Генерална дирекција за раст и промоција на извозот, во која италијанскиот јазик и италофонијата стануваат привилегирани инструменти за ширење и промоција во странство на економскиот раст на Италија, нагласувајќи ја силната поврзаност меѓу растот и културата. Преку својот „генијален“ јазик – наследник на долга и богата историја и традиција – Италија го извезува најдоброто од своето знаење и умешност, преточено во технологија, наука, инженерство, дизајн, мода, гастрономија, литература, уметност и историја.

На настанот ќе присуствува и Н.Е. амбасадорот на Р. Италија, г. Паоло Палминтери, заедно со делегација од Амбасадата. По овој повод свечено ќе биде предадена и донација на книги за наставничкиот кадар и студентите од студиската група Италијански јазик и книжевност.