Мелани Иванова, студентка на Правен факултет, Анастасија Арсова, студентка на Општа медицина, и Марија Вангеловска, студентка на Фармација, учествуваа во меѓународната мобилност „Taste of Culture: Cultural Heritage in Transition – Sustaining Traditional Products in the 21st Century“ во Рига, Латвија.
Во рамки на програмата на Алијансата ACE²-EU, студентките истражуваа како традиционалната храна и локалните производители да бидат поблиску до младите.Една од задачите била да предложат идеи за пазарот Vidzemes Tirgus во Латвија. Разговорите со менаџерот, производителите и посетителите им помогнале да ги разберат потребите на локалната заедница.
„Нашата цел беше пазарот да се позиционира не само како место за купување, туку и како препознатливо културно и социјално обележје на Рига“, вели Анастасија Арсова.
Нејзиниот тим работел на маркетинг-стратегија за поголема видливост на пазарот, особено кај младите. Една од идеите била традиционалните рецепти да се претставуваат преку социјалните мрежи, заедно со приказните за нивното потекло и значењето во семејството.
Мелани Иванова ја избрала традиционалната сарма. Таа ја претставила како јадење што ги собира членовите на семејство речиси секоја недела во зима, опишувајќи го патот од подготовката на киселата зелка до семејната трпеза.
„Сармата е безвременски традиционален специјалитет за нашата земја и за моето семејство. Таа е причина сите да се собереме на едно место речиси секоја недела во зима“, раскажува Мелани.
Разговорите со производителите ѝ покажале колку е важно традиционалните производи да добијат поголемо внимание и поддршка од купувачите.
За Марија Вангеловска, работата на проектот „Reimagining Vidzeme Market: A Community-Centred Cultural Market for Riga“ била можност да размислува за тоа како пазарот може да ги поврзе локалните производители, традиционалната храна и заедницата.
„Традицијата не треба само да се зачува, туку и да се развива на начин што ќе ги вклучи младите генерации и локалната заедница“, истакнува Марија.


