Search

Музичката академија на УГД со два концерта посветени на македонското музичко творештво

Споделете

Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип организира два концертни настапи на 25 и 30 ноември 2026 година, преку кои студентите ќе го претстават своето уметничко творештво и интерпретативните способности, афирмирајќи го богатото македонско музичко наследство.

Првиот концерт, насловен „Звучен идентитет – македонско музичко творештво низ интерпретација на младите“, ќе се одржи на 25 ноември (среда), со почеток во 12 часот, во Концертната сала на Музичката академија при УГД во Штип.

Публиката ќе има можност да проследи музичка програма составена од дела на македонски композитори, интерпретирани од студентите од Вокално-инструменталниот оддел, од класите по флејта, кларинет, виолина, пијано и соло-пеење.

На програмата се застапени дела од Т. Зографски, Љ. Бранџолица, Т. Прокопиев, Г. Коларовски, Д. Ѓаконовски, Б. Цанев, В. Велковска-Трајановска и В. Николовски.
Вториот концерт ќе се одржи на 30 ноември, со почеток во 20 часот, во Музејот на македонската револуционерна борба во Скопје, во рамките на 49. издание на манифестацијата „Денови на македонската музика – 2026“.

Двата концертни настапи претставуваат можност за промоција на македонското музичко творештво, но и за афирмација на младите музичари, нивниот талент, знаење и уметнички развој. Истовремено, тие ја потврдуваат улогата на Музичката академија при УГД во негувањето на македонската музичка култура и создавањето можности студентите да настапуваат пред пошироката публика.

Влезот за двата концерта е слободен.