Search

На УГД успешно се одржа ACE²-EU Flavour School за економска отпорност и глобални бизнис предизвици

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип беше домаќин на меѓународната ACE²-EU Flavour School на тема „Economic Resilience in Times of Crisis, Security Challenges and Uncertainties: Global Business Perspectives“, која се одржа од 1 до 5 јуни во рамките на европската универзитетска алијанса ACE²-EU.

Во текот на петте работни дена, околу 30 студенти од универзитетите членки на алијансата имаа можност да стекнат нови знаења и практични искуства поврзани со економската отпорност, управувањето со кризи, глобалните безбедносни предизвици и влијанието на неизвесностите врз современите економии и бизниси.

Програмата опфати предавања, интерактивни работилници, дискусии и студии на случај реализирани од професори и експерти од повеќе европски земји. Преку мултидисциплинарен пристап, учесниците имаа можност да ги анализираат современите економски предизвици, улогата на институциите во време на кризи, како и стратегиите за градење поотпорни економии и организации.

Покрај наставните активности кои се реализираа на Универзитетот „Гоце Делчев“, студентите и професорите посетија неколку значајни институции во Република Северна Македонија со цел директно да се запознаат со функционирањето на клучните носители на економските политики и развојни стратегии.

Една од најзначајните посети беше реализирана во Народната банка на Република Северна Македонија, каде учесниците имаа можност да проследат специјализирани презентации и предавања од претставници на институцијата. На средбите беа презентирани актуелните макроекономски текови, улогата на централната банка во одржувањето на финансиската стабилност, како и механизмите преку кои државите и финансиските институции се справуваат со економски кризи, инфлациски притисоци и глобални неизвесности.

Во рамките на програмата беше организирана и посета на Стопанската комора на Северна Македонија, каде студентите се запознаа со улогата на Комората како еден од најзначајните партнери на бизнис-заедницата во државата. Преку презентации и дискусии со претставници на институцијата, учесниците добија увид во процесите на креирање економски политики, поддршката што им се обезбедува на компаниите во услови на кризи, како и предизвиците со кои се соочува приватниот сектор во динамична глобална економија.

Како дел од програмата, учесниците имаа и организирани активности во Скопје, кои покрај едукативната компонента овозможија дополнително вмрежување, интеркултурна размена и градење на нови партнерства меѓу студентите и академскиот кадар од различни европски држави.

Организирањето на оваа меѓународна школа претставува уште една потврда за активната улога на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во рамките на ACE²-EU алијансата и неговата посветеност кон обезбедување современи и интернационални образовни искуства за студентите. Преку вакви иницијативи, студентите добиваат можност да учат од меѓународни експерти, да ги поврзат теоретските знаења со реалните предизвици во општеството и да изградат професионални контакти кои ќе бидат значајни за нивниот понатамошен академски и кариерен развој.