Девет студенти од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип добија сертификати за успешно реализирана волонтерска работа во рамки на проектот за формирање на ресурсен центар во Општина Штип, финансиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Сертификатите беа доделени на настан организиран по повод промоцијата на резултатите од проектот, преку кој студентите во изминатите три месеци имаа можност да стекнат практични знаења и искуства работејќи во различни одделенија и сектори на локалната самоуправа.
Преку нивниот ангажман, студентите не само што се запознаа со функционирањето на институциите и јавната администрација, туку и активно придонесоа во реализацијата на активности насочени кон развојот на локалната заедница.

На промотивниот настан, проректорот за инвестиции и развој на УГД, проф. д-р Дарко Лазаров, истакна дека Универзитетот е особено горд што сите студенти биле позитивно оценети за нивниот придонес и професионален ангажман во текот на проектот.
Дополнително, беше посочено дека двајца студенти ќе продолжат со ангажман и по завршувањето на проектот, во Центарот за локален економски развој при Општина Штип, што претставува значајна потврда за квалитетот на нивната работа и стекнатите компетенции.
Оваа иницијатива уште еднаш ја потврдува посветеноста на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип кон создавање конкретни можности за професионален развој на студентите преку практична работа во институции, компании и организации. Воедно, проектот ја нагласува и општествената улога на Универзитетот во поддршка на локалниот развој и придонесот кон пошироката заедница.


