Студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип сè поактивно ги користат можностите за меѓународна мобилност преку Европската универзитетска алијанса ACE2EU, стекнувајќи знаења и искуства надвор од националниот образовен систем.
Една од нив е Ева Горгиева, студентка на Правен факултет, која учествуваше на академска програма во Инголштат, Германија.
„Моето учество во програмата во Инголштат претставуваше исклучително значајно и вредно искуство“, истакнува Горгиева.За време на престојот, таа имала можност да работи во интернационална средина и да соработува со учесници од повеќе земји, што ѝ овозможило да се запознае со различни правни перспективи и пристапи. Програмата, според неа, била внимателно структурирана и овозможила балансиран пристап помеѓу теоретското знаење и практичната примена.
„Работата со интернационални студенти и практичната настава беше исклучително интересна. Овој пристап значително придонесе за мојот личен и професионален развој“, додава таа.Покрај академскиот дел, ваквите мобилности овозможуваат и градење на меѓународни контакти, што претставува важен сегмент во понатамошниот развој на младите професионалци. Горгиева ги охрабрува студентите да ги искористат овие можности.
„Ваквите програми нудат уникатна шанса за стекнување нови искуства, проширување на видиците и градење професионални перспективи во меѓународен контекст“, посочува таа.Оваа мобилност е уште еден пример за тоа како студентите на УГД добиваат пристап до современо образование и практични искуства, кои ги подготвуваат за предизвиците на глобалниот пазар на труд. Повеќе информации за сите програми кои се нудат преку ACE2EU алијансата можат да се најдат на специјализираниот дел од веб-сајтот на УГД, но и на официјалниот веб-сајт на Алијансата.


