Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип активно учествува во кокреацијата на ACE²-EU „Palliative Care“ Flavour School, која се одржува од 23 до 27 февруари во организација на Политехничкиот универзитет во Сантарем, Португалија.
Во рамки на оваа меѓународна академска иницијатива, УГД е вклучен преку проф. д-р Даниела Буклиоска-Илиевска од Факултетот за медицински науки, која придонесува во развојот и реализацијата на програмата. Настанот обединува студенти, професори и здравствени професионалци од повеќе европски земји, со цел унапредување на знаењата и практиките во областа на палијативната нега.

Проф. Лигија Монтерозо од Школата за здравство при Универзитетот во Сантарем, член на организацискиот тим на ACE²-EU, истакна дека курсот применува хуманизиран пристап кој го става поединецот во центарот на грижата, промовирајќи квалитет на живот преку почит и сочувство. Според неа, програмата има за цел да ги оспособи студентите да работат во интердисциплинарни тимови, со цел намалување на страдањето и обезбедување поддршка за пациентите и нивните семејства во сите фази од грижата.

Со учеството во оваа Flavour School, УГД ја потврдува својата активна улога во рамки на ACE²-EU Алијансата и својата посветеност кон меѓународна соработка, јакнење на академските капацитети и создавање значајно општествено влијание преку современо и хумано образование.


