Јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик го одбележа и Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“. Во рамките на Националната програма на Министерството за култура и туризам беше одржана Тркалезна маса, која опфати значајни теми поврзани со историјата, значењето и современиот предизвик на македонскиот јазик, а на неа учествуваат професори, истражувачи и студенти.
– Филолошкиот факултет при УГД организира Тркалезна маса поврзана со теми за јубилејот 80 години македонска азбука и македонски правопис. Исто така, на 28 мај имаме уште еден настан, Работилница за студенти поврзана со правопис и правописни грешки. Имаме чест на оваа тркалезна маса да имаме видни лингвисти, како од Универзитетот „Гоце Делчев“, така и останати видни лингвисти од институции и установи во Македонија – изјави проф. д-р Луси Караниколова-Чочоровска, деканка на Филолошкиот факултет.
На прашање од новинарите за негирањето на македонскиот јазик од страна на некои од нашите соседи, деканката одговори дека ставовите на соседите се нивни ставови, ние си имаме стандардизиран, кодифициран јазик, азбука и правопис. Сите ние знаеме дека тоа е стабилен систем и доколку правилно им се пренесува на студентите, на генерациите, почнувајќи како родители прво на своите деца, така и ќе го чуваме нашиот јазик.
Една од институциите со многу пишани материјали, вистинско богатство, но и вредни докази за постоењето на македонскиот јазик е Националната универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“. Нејзиниот директор, Јовица Никчевски, истакна дека оваа установа со закон е прогласена за Национална библиотека.
– Тоа значи дека ние сме заштитници, односно она што е Музејот на Македонија за музејските предмети, ние сме заштитници за библиотечниот материјал. Ние имаме ракописи кои се од 13 век, меѓутоа имаме и книги кои се старопечатени, ретки книги, кои влегуваат во тој фонд, го промовираат македонскиот јазик и на некој начин го чуваат. Нашата институција како ризница на тие знаења, како чувар на идентитетот, неспорно е тесно поврзана со заштитата на македонскиот јазик и затоа оваа година е и дел од Програма на Владата за одбележување на 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик – рече Никчевски.