Search

Ректорот на УГД учествуваше на Глобалниот форум за одржлива енергија во Скопје

Споделете

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, беше еден од учесниците на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (14th IFESD), што од 28 до 30 октомври се одржа во Скопје.

Форумот го организираа Министерството за економија, УНДП и петте регионални комисии на Обединетите нации, и собра повеќе од 500 учесници од 70 земји.

На панелот „Искуства од Северна Македонија во подобрување на квалитетот на воздухот преку енергетска ефикасност“, проф. д-р Мираковски ја претстави својата студија за изворите на загадување на воздухот во урбаните средини, со акцент на емисиите од согорување на дрва во домаќинствата како клучен проблем во зимскиот период.

Во своето излагање, ректорот истакна дека дрвото како гориво е најголемиот извор на фини честички (PM2.5), кои сериозно го нарушуваат здравјето на населението и ја влошуваат состојбата со урбаното загадување.

„Резултатите покажуваат дека биомасата учествува со над 30% во годишната концентрација на честички во неколку градови, а во зимскиот период тој удел надминува 50%. Тоа е јасен сигнал дека енергетската ефикасност мора да стане приоритетна мерка во секоја национална стратегија“, рече проф. д-р Мираковски.

Форумот беше заокружен со потпишување на Декларацијата Скопје, со која учесниците се обврзаа да ги претворат заложбите за чиста енергија во конкретни активности.