Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје распиша Конкурс „Ambassador for a Day“, наменет за студентки на возраст од 18 до 22 години, запишани на универзитетите во Македонија.
Конкурсот го најави британскиот амбасадор Matthew Lawson преку официјалните профили на Амбасадата на социјалните мрежи.
Победничката ќе добие можност да ја следи работата на амбасадорот во текот на една недела околу одбележувањето на 8 Март – Меѓународниот ден на жената и одблиску да се запознае со секојдневната работа во Британската амбасада во Скопје.
Од Амбасадата посочуваат дека жените и девојките претставуваат половина од светската популација, но и понатаму се недоволно застапени во меѓународната дипломатија, особено оние од недоволно претставени етнички, економски, културни и други општествени средини. Целта на иницијативата е да се поттикне еднаквост на можности и да се охрабрат младите жени да бидат лидери и гласни застапници на општествени промени.
Кој може да аплицира?
Право на учество имаат студентки кои на 8 март 2026 година:
- се на возраст од 18 до 22 години,
- се запишани на универзитет во Северна Македонија,
- се достапни да поминат цел работен ден со активности во Амбасадата.
Начин на аплицирање
Кандидатките треба да изработат видео во времетраење од 1,30 до 2 минути на англиски јазик, во кое ќе одговорат на прашањето: „Who is your favourite British heroine and why?“
Видеото, заедно со формуларот за учество, треба да се испрати на електронската адреса BritishEmbassySkopje@fcdo.gov.uk, најдоцна до 23 февруари 2026 година.
Конкурсот е отворен од 4 февруари 2026 година. Победничката ќе биде контактирана на 28 февруари, а јавно ќе биде објавена на 8 март 2026 година.
Детални информации на следниов линк: Ambassador For a Day competition in North Macedonia 2026 – GOV.UK


