Факултетот за образовни науки и Правниот факултет при УГД започнаа соработка со „Метаморфозис“, на теми поврзани со дел од студиските програми на овие факултети. На ФОН тоа е предметот Образование и медиумска култура, а во рамките на оваа соработка беше организирана дискусија со студенти од двата факултета на тема дезинформации. Владимир Петрески, главен и одговорен уредник, и Матеј Тројачанец, проверувач на факти, истражувач и новинар од Вистиномер.мк, споделија со студентите клучни информации и поими од областа на медиумите и како да се препознаат дезинформации и да се проверат изворите на информации.

Пред дискусијата, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Република Франција во РСМ, имаше средба со ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, како и со деканите на Правен факултет – проф. д-р Билјана Тодорова, Факултет за образовни науки – проф. д-р Трајче Стојанов и на Филолошки факултет – проф. д-р Луси Караниколова-Чочоровска. На средбата присуствуваше и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

Претходно, на градскиот плоштад во Штип, граѓаните и младите можеа да учествуваат во активниости од караванот „Балкански медиумски камион“, посветен токму на запознавање на граѓаните со борбата против дезинформациите.
– Овој „Балкански медиумски камион“, реализиран од фондацијата „Метаморфозис“, е дел од проектот „Споделени хоризонти“, што се спроведува во шесте земји од Западен Балкан. Тоа е најголемиот проект финансиран од француското Министерство за надворешни работи во овие земји од Западен Балкан и е наменет за граѓанското општество и младите. Покрај вредностите на спортот, зачувувањето на културното наследство и дебатата на идеи, борбата против дезинформациите е еден од столбовите на овој проект. Борбата против дезинформациите е еден од приоритетите на Франција, особено што нашата земја и нашата демократија се цел на чести напади. Со овој камион за борба против дезинформации сакаме да се сретнеме со јавноста на оригинален начин и да ја подигнеме свеста на забавен и прагматичен начин за формите и последиците од дезинформациите. Нудиме алатки за препознавање на манипулации и дезинформации, клучни совети како да не станете и вие пренесувачи на дезинформации. Имено, нашата активност на социјалните мрежи може да нѐ направи пренесувачи на дезинформации без да бидеме свесни за тоа. Дезинформациите не можат да се поистоветат со слободата на изразување, бидејќи нивните цели се да посеат сомнеж и да ги дестабилизираат демократиите како Македонија и Франција – изјави амбасадорот на Република Франција во Македонија, Кристоф Ле Риголер.

Деспина Ковачевска од фондацијата „Метаморфозис“ изрази благодарност што се реализира овој проект, бидејќи многу е битно да се зборува со сите генерации, особено со младите за тоа што е медиумска писменост, каде ги добиваме вестите и што е медиумски интегритет.
– Дезинформациите денес се еден многу голем проблем и тоа треба да се работи од аспект на еден пристап во целото општество, односно да се почне многу рано, уште во образованието, да се работи со најмладите, со студентите, па дури и со постарите генерации, кои сега повторно учат да користат медиуми кои ги немале порано. Порано, кога сме имале само еден медиум, сме имале еден филтер, уредникот кој одлучувал што ќе се емитува. Сега секој може да постира каква било информација на интернет, а најпогодени се постарите и најмладите генерации. Тие не се свесни дека таа информација може да биде лажна, намерно манипулирана и создадена за да нѐ измами и да ги наруши демократските процеси – рече Ковачевска.


