Search

Економскиот факултет при УГД – Штип реализира дводневна обука за вработените во УЈП

Споделете

Економскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип успешно реализираше дводневна професионална обука за вработените во Управа за јавни приходи, насочена кон напредни анализи и користење на алатката Power BI.

Во рамки на обуката учествуваа 26 вработени од различни сектори на Управата за јавни приходи. Програмата беше специјално дизајнирана согласно со конкретните аналитички потреби на УЈП, со фокус на обработка на големи серии на податоци и анализа на релевантни трендови во областа на даноците.

Преку практични примери и напредни аналитички техники, учесниците ги унапредија своите вештини за визуализација и интерпретација на податоци, што ќе придонесе кон поефикасно донесување одлуки и зајакнување на даночните капацитети на Управата.

Со реализацијата на оваа обука, Економски факултет – Штип ја потврдува својата улога како партнер на јавните институции, нудејќи стручно знаење и практична поддршка во процесите на професионален развој.

Од двете институции беше нагласено дека соработката ќе продолжи и во иднина преку реализација на заеднички проекти, работилници и практична настава за студентите, со што ќе се зајакне поврзаноста меѓу академската заедница и јавниот сектор.