Искористување на можностите за револуционерни медицински иновации кон понапреден, иновативен и хуман здравствен систем
Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, со поддршка и во соработка со Амбасадата на Република Франција и Францускиот институт во Скопје, и во присуство на најеминентни претставници од научната и здравствената заедница во Република Македонија – МАНУ, Фондот за здравствено осигурување, СЗО, МАЛМЕД и Дирекцијата за радиолошка заштита, на 3 декември 2025 година во Куќата на Европа во Скопје ја претстави својата соработка со Универзитетот во Нант.
Главниот настан беше предавањето на избраниот визитинг-професор, д-р Жан-Франсуа Жестен, еминентен француски истражувач и директор за истражување на ИНСЕРМ 1307, познат по својата научна дејност во областа на хемијата на производство на радиоактивни изотопи и радиофармацевтски препарати за медицински цели. Неговото предавање носеше наслов „Новини во онкологијата: Алфа-терапија за подобар третман на ракот“.
Настанот беше посветен на претставување на иновативната радионуклидна терапија, технологија што претставува значаен исчекор во современата медицина и третманот на пациенти со најкомплексни онколошки заболувања и да покаже дека радионуклидот Астатин-211 е еден од најперспективните изотопи за таргетирана алфа-терапија (TAT) и може да стане европски стандард за третман на одредени видови рак.
Воведно обраќање имаше Н.Е. амбасадорот г. Кристоф Ле Риголер, кој ја истакна поддршката на Република Франција во унапредувањето на научноистражувачката соработка, особено во делот на здравството, како и значењето на научната дипломатија за препознавање и развој на иновативни идеи.
Модератор на настанот беше проф. д-р Емилија Јаневиќ-Ивановска, професор на Факултетот за медицински науки при УГД и дописен член на Француската национална академија за фармација. Од 2020 година заедно со колегите од Лабораторијата за радиофармација и Катедрата за аналитика на лекови и фармацевтска хемија е активно вклучена во иницијативата NOAR – Network for Optimized Astatine Labeled Radiopharmaceuticals.
NOAR е европска мрежа за нови хоризонти во алфа-терапијата која ги обединува водечките европски и меѓународни лаборатории, центри за производство на Астатин-211, болници, индустриски партнери и здруженија на пациенти од повеќе од 20 земји, покривајќи ја целата иновациска вредносна верига: производство, хемија, радиохемија, биологија, преклинички и клинички истражувања, сè до доставување на радиофармацевтици до пациентите.
Како дел од оваа соработка веќе се реализирани неколку престои на асистент м-р Паулина Апостолова, докторанд на Факултетот за медицински науки при УГД, во чија докторска дисертација како член за оценка и одбрана ќе биде вклучен д-р Жестен.
Соработка која отвора нови перспективи
Присуството на сите истакнати гости претставуваше силен поттик за дискусија и зацврстување на соработката меѓу институциите, научната заедница и меѓународните партнери. Само преку вакви заеднички напори можат да се обезбедат подобри, побезбедни и поефикасни терапии за пациентите во нашата земја и од регионот.
На настанот му претходеше уште едно предавање, одржано на 2 декември 2025 година во просториите на Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија – единствена институција во регионот со капацитет за производство на радиоизотопи и радиофармацевтици за молекуларна дијагностика. Добредојде и претставување на предавачот упати директорот на Институтот, доц. д-р Невена Маневска.
Почеток на нова ера во онколошките третмани
Овие настани не беа само настани и предавања. Тие се почеток на нова ера во медицинските иновации и третманот на ракот во Република Македонија и позиционирање на државата како препознатлив регионален лидер.
Тие беа сведоштва на момент кој може ги редефинира медицинските граници и дел од историјата како напредна онколошка терапија може да го трансформира начинот на лекување на ракот.


