Со задоволство го објавуваме учеството на Универзитетот „Гоце Делчев“ во проектот IMPACTWHEEL, финансиран од Европската иницијатива за високо образование (EIT) како дел од нивниот Повик за предлози 2024 (https://eit-hei.eu/projects/impactwheel ).
Овој значаен проект има за цел да ги зајакне капацитетите на високообразовните институции во Европа и да поттикне развој на иновации и претприемништво. Насочен е кон развој на компетенции и решенија согласно со глобалните и општествените предизвици, преку поттикнување на трансферот на академско знаење на пазарот.
Како партнер во проектот IMPACTWHEEL, Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе има можност да го зајакне својот капацитет за иновации и претприемништво, што ќе придонесе за развој на локалниот иновациски екосистем. Ова ќе отвори нови можности за студентите и академскиот персонал, обезбедувајќи им пристап до нови програми за обука и микрокреденцијали, како и поддршка во трансферот на знаење и создавање на нови компании.
Конзорциумот на IMPACTWHEEL е стратешки дизајниран за да се обезбеди најквалификувани и искусни субјекти кои ќе можат да обезбедат неопходна експертиза за остварување на амбициозните цели на проектот. Конзорциумот интегрира субјекти од високото образование, истражувањето, бизнисот и иновациите, вклучувајќи 6 универзитети (Universidade da Beira Interior со UBImedical Incubator, Universidad Pública de Navarra, University of St. Andrews American Foundation, Inc., Rīgas Ekonomikas augstskola – Stockholm School of Economics in Riga, Универзитет „Гоце Делчев“ од Штип, Unimercatorum), две посреднички организации што ги претставуваат високообразовните институции (NOVA FORUM – Instituto de Formação de Executivos da UNL, CEIPIEMONTE s.c.p.a.) и две компании со експертиза во иновациите и претприемништвото (Ambiom, INOVA+). За да се обезбеди максимален ефект, конзорциумот е дизајниран со географска разновидност, со партнери од различни региони на ЕУ кои носат локално знаење и специфични видувања, а тоа се Италија, Латвија, Северна Македонија, Португалија, Словачка, Шпанија и Обединетото Кралство (Шкотска). Проектот е координиран од Универзитетот на Беира Интериор (UBI) преку UBImedical Incubator.
Со вклучувањето во оваа европска иницијатива, Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе може да ги зајакне своите капацитети за иновации, да ја зголеми академската комерцијализација и да ја интегрира високообразовната институција во глобалниот иновациски екосистем. Студентите, академскиот персонал и претприемачите ќе добијат пристап до нови алатки, мрежи и ресурси кои ќе им помогнат да ги развијат своите иновациски идеи.
За повеќе информации и за следење на напредокот на проектот IMPACTWHEEL, посетете ја официјалната веб-страница на проектот: https://impactwheel.eu/