Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип доби поддршка за три значајни научноистражувачки проекти во рамки на Конкурсот за финансирање на истражувања на државните универзитети и Конкурсот за паметна специјализација за 2025 година.
Проект за унапредување на електронската микроскопија
Наслов: Electron Microscopy Scale Up; надградба на современата SEM технологија со TEM систем за евалуација на перкутаната пенетрација на ПМ честички
- Главен истражувач: проф. д-р Дејан Мираковски
- Партнер институција: ЈЗУ Универзитетска клиника за дерматологија
- Буџет: 5.750.000 денари
- Времетраење: 13 месеци
Проектот има за цел да ги истражи ефектите на аерозагадувањето врз кожата и да развие нова методолошка база за анализа на честичките кои пенетрираат во ткивата. Надградбата на постојниот електронски микроскоп со TEM модул ќе овозможи детална анализа на биолошките одговори на кожата.
Истражување за загадување со отпадни води од патишта
Наслов: Оптимизирање на напредни методи за мониторинг и ремедијација на загадување со отпадни води од патишта преку дигитализација и нови технологии и алгоритми
- Главен истражувач: проф. д-р Соња Лепиткова
- Буџет: 5.968.373 денари
- Времетраење: 18 месеци
Овој проект се фокусира на детекција, мапирање и ремедијација на органски загадувачи од моторни масла и горива. Ќе бидат набавени современи инструменти за анализа, а истражувањето ќе придонесе за развој на зелена инфраструктура и моделирање на загадувањето од патиштата.
Интелигентен систем за мониторинг на водни екосистеми
Наслов: AquaGuard AI: Интелигентен роботски систем за мониторинг на водни екосистеми во приближно реално време
- Раководител: проф. д-р Ѓорѓи Димов
- Главен истражувач: проф. д-р Рубин Гулабоски
- Партнери од приватниот сектор: Рудник за олово и цинк „Саса“; CAML
- Буџет: 7.268.000 денари
- Времетраење: 12 месеци
AquaGuard AI претставува интегриран систем кој комбинира автономни роботски платформи, напредни сензори и алгоритми за вештачка интелигенција. Неговата цел е континуирано и прецизно следење на присуството на тешки метали и други загадувачи во водите, како понапредна алтернатива на традиционалните методи за мониторинг.
Со овие проекти, Факултетот за природни и технички науки го зајакнува својот истражувачки капацитет и придонесува кон решавање на клучни предизвици во областа на животната средина, здравјето и примената на современи технологии.