Search
|     contact@ugd.edu.mk

На Правниот факултет се одржа Меѓународна конференција за уставна перспектива на безбедноста на ЕУ, миграцијата и човековите права

Споделете

На 27 мај 2025 година, Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип беше домаќин на Меѓународната конференција „Quo Vadis EU Security. A Constitutional Perspective on Migration, Transnational Crime, and Fundamental Rights and Values“.

Настанот се одржа во рамките на проектот „Жан Моне“ (Jean Monnet Chair EUVALWEB), предводен од Универзитетот во Салерно, Италија, во партнерство со УГД и Универзитетот „Епока“ во Тирана, Албанија.

Конференцијата обедини истакнати професори, судии, обвинители, истражувачи и експерти од Македонија, Италија, Албанија и Србија, кои дискутираа за уставните аспекти на миграцијата, надворешните политики на ЕУ, борбата против транснационалниот организиран криминал и заштитата на фундаменталните права во контекст на европската интеграција.

Клучен говорник на конференцијата беше д-р Мирјана Лазарова-Трајковска, судијка во Врховниот суд на Република Северна Македонија и поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права.

Професорката Ана Никодиновска-Крстевска од Правниот факултет при УГД, која е дел од тимот на проектот EUVALWEB, изјави дека конференцијата е финален настан од низата активности во рамките на проектот:
Денешната конференција е крунисување на сите активности и претставува финале на целиот проект. Претставува досегашно утврдување на постигнатите резултати од нашите истражувања. Имаме спикери од Македонија, Србија, Албанија и други. Ќе се зборува за измените во Уставот и правните измени во Западен Балкан во насока на постигнување на приоритетите на евроинтеграциските процеси“, истакна Никодиновска-Крстевска.

Таа додаде дека во конференцијата активно учествуваат и млади правници, претставници од судството и обвинителството, како и докторанди, што покажува дека темата е од значење за идните генерации правни експерти.

Настанот потврди дека Универзитетот „Гоце Делчев“ сè појасно се позиционира на мапата на европската научна и академска соработка во областа на правото и европските интеграции.