Во понеделник, 26 мај, започнува третото издание на меѓународниот „Фестивал за современа музика 2025“. Фестивалот е во организација на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и ќе трае четири дена, до 29 мај.
Настанот ќе се одржи во Уметничката галерија „Безистен“, каде што четири фестивалски вечери ќе понудат богата, иновативна и инспиративна музичка програма, со настапи на реномирани уметници од земјава и од странство.
Фестивалот ќе го отвори познатото Новосадско камерно трио „Хероини“, составено од врвните музичарки Ксенија Мијатовиќ-Кором (флејта), Вероника Антуновиќ-Мариќ (обоа) и Слободанка Стевиќ (пијано), кои ќе настапат на 26 мај.
На втората вечер, 27 мај, ни доаѓа Милица Јелача-Јовановиќ, врвна пијанистка од Вашингтон, а на сцената ќе ѝ се придружи и нашата Милица Шкариќ. Потоа, на 28 мај, следува концерт со дела за четирирачно пијано на камерното дуо Татјана Џорлева и Ангеле Михајловски.
И оваа година младите музичари добиваат своја сцена – на завршната вечер, на 29 мај. Студентите од Музичката академија ќе го претстават својот талент на професионалната сцена, добивајќи поддршка и признание токму на почетокот од нивната музичка кариера.
Сите концерти започнуваат во 19 часот, влезот во Уметничката галерија „Безистен“ е слободен.