Земјоделскиот факултет при УГД одбележа 25 години издавачка дејност.
Според деканката на Земјоделскиот факултет, проф. д-р Емилија Арсов, почетоците на издавачка дејност на Земјоделскиот факултет датираат уште од 2000 година со публикување на Зборникот на апстракти (1990-2000) на тогашната Јавна научна установа Институт за јужни земјоделски култури – Струмица. Публикувачките активности на Институтот продолжија од 2001 до 2006 година со објавување на годишни зборници на трудови на ЈНУ Институт за јужни земјоделски култури – Струмица.
„Нашиот универзитет веќе има свое полнолетство, меѓутоа првите почетоци на Земјоделскиот факултет беа уште во периодот на Институтот за јужни земјоделски култури, кога започна и издавачката дејност во тогашно време на Институтот. Тоа е во 90-тите години и затоа денес сме особено горди и со голема чест и задоволство ќе презентираме што сѐ истражувавме и публикувавме во текот на изминатите 25 години. Одговорен уредник на тогашниот Зборник, кој се публикуваше од 1990 до 2000 година, беше проф. д-р Саша Митрев, а главен уредник проф. д-р Лилјана Колева-Гудева.
Во изминатиот период имаме богата издавачка дејност, којашто вклучува истражувања на научниот кадар, како од нашиот факултет, така и од земјава и од надвор, меѓутоа и публикации и истражувања на студенти од прв, втор и трет циклус студии“, изјави деканката Арсов.
Проф. д-р Лилјана Колева-Гудева потенцираше дека она што го работеше Институтот за јужни и јужнословенски култури, практично, беше претходница на раѓањето на Земјоделскиот факултет во состав на УГД во 2007 година. Практично, во издавачката дејност Земјоделскиот факултет, всушност, беше континуитет на сѐ што се работеше од 1990 до 2000 година, а потоа и до 2007 година, па сѐ до денес.
„Пресвртница имавме во 2017 година, кога годишниот зборник го трансформиравме во меѓународно списание, нашиот JАPS. Списанието е реномирано, индексирано и оттогаш па сѐ до денес го објавуваме како меѓународно списание. Во почетокот на овој месец го публикувавме последниот волумен, волумен 23, кој се однесува токму на 25 години издавачка дејност на нашиот факултет.“
Првиот декан на Земјоделски факултет на УГД, проф. д-р Илија Каров, исто така ги истакна важноста и значењето на издавачката дејност и издавањето на Годишниот зборник и другите периодични изданија.
„Ова беше единствено место каде што и младите научни работници, и професорите, својот труд кој го имаа во лабораторија или на терен можеа лесно да го трансформираат, да го објават и на тој начин многу полесно, едноставно и брзо се доаѓаше до видливост на резултатите на секој поединечно.“
Првиот број на Годишниот зборник на Земјоделски факултет, Универзитет „Гоце Делчев” – Штип, е објавен во 2007 година, во годината на неговото основање, со што воопшто не се запре со издавачките активности, кои се неспорен доказ за објавување на научните и истражувачки активности, пред сè на истражувачкиот кадар на факултетот, но и на пошироката фела од земјоделските области во државата и во регионот. Годишниот зборник на Земјоделскиот факултет се објавуваше во континуитет од 2007 до 2016 година.
Со Одлука на Наставно-научниот совет на Земјоделскиот факултет од 6.4.2017 год. се иницира трансформирање на Годишниот зборник во меѓународно списание. Факултетот продолжи со објавување меѓународно списание Journal of Agriculture and Plant Science, JAPS, а првиот број вол. 15 беше објавен како продолжение на Годишниот зборник во 2017 година.
Денес со гордост може да се каже дека JAPS е меѓународно списание кое ги интегрира најновите научноистражувачки резултати во научни трудови на истражувачите од нашиот факултет, од државата, од регионот и пошироко. JAPS e индексирано списание во дата базите EBSCO и DOAJ.