Заедничкиот истражувачки центар (JRC) на Европската комисија го објави новиот Повик за програма за научна пракса, наменета за млади истражувачи и дипломци кои сакаат да стекнат искуство во европската научна заедница. Повикот е отворен до 21 октомври 2025 година, до 15:00 часот.
Програмата нуди стимулативна, мултикултурна и интердисциплинарна средина, каде што практикантите ќе имаат можност да работат на вистински научни проекти и да добијат увид во тоа како науката го поддржува креирањето на европските политики.
JRC е водечка научна институција во рамки на Европската комисија, со центри во неколку европски градови, кои покриваат широк спектар на области – од агрикултура и безбедност на храна, здравство, енергија, климатски промени и дигитална трансформација, до вештачка интелигенција, кибер-безбедност, нуклеарна сигурност и управување со кризи.
Овој Повик е насочен кон создавање на инклузивна и разновидна заедница на практиканти, која ќе ја одразува културната и научната разновидност на Европа. Програмата поддржува принципи на еднаквост, различност и вклучување, без разлика на пол, потекло, возраст, религија, сексуална ориентација или попреченост.
Во рамки на Повикот од март 2026 година JRC ќе овозможи пракса за околу 50 научни практиканти во 11 тематски области. Секој кандидат може да аплицира за повеќе области, но треба да ја избере како прва опција онаа во која има најмногу искуство и интерес.
Практикантите ќе имаат можност да работат во научни лаборатории или истражувачки тимови, со ограничени можности за работа на далечина. Работата ќе биде приспособена на потребите на конкретниот проект и ќе овозможи директен контакт со истражувачите и експертите на Европската комисија.
Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија ги охрабрува сите заинтересирани студенти и млади научници да аплицираат и да ја искористат оваа вредна можност за професионален развој и европско искуство.
Повеќе информации и пријавување:
https://recruitment.jrc.ec.europa.eu/graduate-trainees
				
															

