Search

Претставници на Европската алијанса на универзитети ACE²-EU во Штип три дена ќе работат на подобрување на мобилностите

Споделете

Неделата во која Универзитетот „Гоце Делчев“ одбележува 19 години од своето формирање ќе биде исполнета со редица настани, кои ќе кулминираат со Свечената академија во петок, 27 март. Покрај бројните традиционални настани – Ораторска вечер, концерт на Музичката академија, Промоција на доктори на науки, во Штип неделава престојуваат и гости од осумте партнерски универзитети на УГД во рамките на Европската алијанса на универзитети ACE²-EU.

Покрај присуството на ректорите од сите универзитети, на настанот учествуваат и претставници на студентите и професорите, кои ќе бидат вклучени во реализацијата на дел од работните пакети од активностите на Алијансата. Од денес, па во наредните три дена, се одржува тридневна Работилница во рамки на европската универзитетска алијанса ACE²-EU, насочена кон унапредување на студентската и академската мобилност, како и развој на нови образовни и истражувачки програми.

Преку интерактивни сесии, учесниците ќе разменуваат искуства, ќе ги анализираат предизвиците и ќе креираат конкретни препораки за подобрување на мобилноста и учеството во европски академски иницијативи.

– Повеќе од 80-тина гости од Алијансата, од осумте партнерски универзитети, ќе бидат присутни на УГД во Штип во текот на целата работна недела и ќе работат заедно со нашите професори и студенти на креирање на нови заеднички студиски програми, на подобрување на условите за мобилноста – и студентска и за наставничкиот кадар, и на креирање на еден ентитет во којшто ќе треба да се претворат нашите универзитети во иднина, еден европски универзитет, кој не веќе подолго време го нарекуваме не само алијанса на универзитети, туку и алијанса на пријатели. Навистина ми е чест што ќе бидат присутни и ректорите од сите осум партнерски универзитети, во текот на утрешниот ден ќе имаме цела сесија посветена на креирање на тоа заедничко правно лице и на креирање на заеднички студиски програми. Сите овие настани ќе завршат со Свечената академија во петок, по повод одбележување 19 години од оформување на Универзитетот „Гоце Делчев“. Сигурен сум дека ова создава едно ново квалитативно опкружување, и за нашите студенти и за нашите вработени. Подобро поврзување со партнерските универзитети овозможува многу полесно наоѓање на соодветни студиски програми, размена на студенти и наставници, а во исто време имаме значително поголем простор за финансирање на тие мобилности, така што минатата година мислам дека над 150 мобилности веќе се реализирани, одиме со исто темпо, бидејќи ги спојуваме сите програми на Еразмус и мобилностите од Алијансата. Верувам дека овој процес ќе стане уште поинтензивен, студентите сѐ повеќе учествуваат, и верувам дека ќе биде на задоволство и на наставниците и на студентите – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

Според проф. д-р Витана Вичење од Универзитетот за применети инженерски науки од Литванија, инаку раководителка на Работниот пакет 6, мобилностите, како на студенти, така и на наставници, се значаен дел од активностите во Алијансата.

– Овде ги презентираме активностите од работниот пакет 6, пакетот посветен на мобилности и на вредности. На некој начин се обидуваме да ги мапираме и промовираме сите оние придружни документи, да се увериме на некој начин да ја промовираме непречената мобилност во алијансите. Како работен пакет кој е посветен на промоција на овие мобилности ние генерално во Алијансата имаме зацртано за цел да постигнеме околу 9000 мобилности, со физичко присуство, но и блендед мобилити, оние кои се со виртуелна компонента. Се разбира, ова е предизвик, но денешната цел тука е да ги воочиме сите досегашни предизвици, недостатоци, проблеми кои се појавиле околу досегашните мобилности и да се обидеме да мапираме, да ги структурираме бенефициите, идни насоки како да се подобриме во насока на остварување на овие мобилности.

За студентите се многу значајни мобилностите, а од искуството досега во Алијансата, има простор за напредок, бидејќи има многу сличности во работењето на универзитетите членки на Алијансата, што е секако добро за студентите, смета Соња Манкалијано, членка на студентското тело на Алијансата.

– Придобивките од овој настан се големи, особено кога се однесува на студентите. Овде има простор да ги споделиме сите оние позитивни и негативни искуства кои произлегуваат од мобилностите. Имаме простор и можност да ги истакнеме и нашите видувања за она што е Алијансата, што се мобилностите, за нашиот начин како ние да учествуваме и како ние да ги зголемиме нашите компетенции, меѓутоа и нашите вештини.