Search

Презентирани можностите за студирање во Франција

Споделете

Студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ имаа можност да се запознаат со можностите за студирање во Франција, преку презентацијата што ја одржа Сузана Пешиќ од Кампус франс при Амбасадата на Република Франција во Македонија. Организацијата на оваа презентација беше од страна на Филолошкиот факултет, а во духот на долгогодишната плодна соработка на Амбасадата и УГД.

– Денес имаме чест да ја пречекаме Сузана Пешиќ од Амбасадата на Република Франција, која подетално ќе нѐ запознае со особеностите на францускиот високообразовен систем, можностите за додипломски, постдипломски и докторски студии, но и различните можности за научноистражувачка работа и меѓуинституционална соработка на нашиот универзитет со други француски универзитети. На овој начин ние го одбележуваме и Месецот на франкофонијата. Нашиот универзитет има долга традиција во однос на соработка и интерес со институции кои потекнуваат не само од Република Франција, туку и воопшто од франкофонските земји, и ги споделуваме вредностите на Франција како што се слободата, еднаквоста, братството, но исто така и нивната долгогодишна традиција во научноистражувачката работа, којашто за нас е од голема полза и интерес. Амбасадата на Република Франција и нашиот универзитет соработуваат долги години, ова е една од десетиците посети кои ни биле остварени. Пред многу краток период ни беше во посета и амбасадорот на Република Франција во Македонија, господинот Ле Риголе, така што ова е само едно продолжување во насока на продлабочување на таа наша соработка – изјави проф. д-р Светлана Јакимовска.

Можностите ги претстави Сузана Пешиќ, потенцирајќи дека оваа презентација е и во рамките на одбележувањето на Месецот на франкофонијата.

– Овде сум во рамките на Месецот на франкофонијата, една од нашите активности е презентацијата на францускиот високообразовен систем, можностите за студентите да продолжат со студии во Франција, универзитетска соработка и нашата соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип која е долгогодишна и плодна, и еве ја одбележуваме и на ваков начин. Студентите се запознаваат со можностите да продолжат со студии на мастер, на докторат, може да добијат подетални информации околу процедурите, финансирањето, програмите за стипендии.