Search

Професори на УГД се стекнаа со сертификат за обучувачи во рамките на програмата Changemaker Ambassador на ACE²-EU

Споделете

Како претставници на УГД, проф. д-р Марија Гогова Самоников од Економски факултет, проф. д-р Наташа Митева од Факултет за туризам и бизнис логистика и проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска од Музичка академија се стекнаа со сертификат за обучувачи во рамките на програмата Changemaker Ambassador на ACE²-EU.

Обуката „Train the Trainers“ се одржа од 6 до 8 јули 2026 година во Сантарем, Португалија. Организирана е во рамките на програмата Changemaker Ambassador под Алијансата ACE²-EU, а  домаќини на обуката беа Политехничкиот институт во Сантарем и Латвиската академија за култура.

Обуката беше наменета за академски и административен кадар од партнерските универзитети во Алијансата, со цел развој на компетенции за водење процеси на позитивни промени во високото образование и подготовка на обучувачи кои ќе ја имплементираат програмата Changemaker Ambassador во своите матични институции.

Во текот на тридневната програма учесниците работеа на развој на лидерски, комуникациски и фасилитаторски вештини преку современи пристапи како Dialogue Method, Theory of Change и системско размислување. Преку практични работилници и интерактивни активности тие се запознаа со методологии што овозможуваат создавање инклузивна академска средина, поттикнување конструктивен дијалог и развој на иницијативи со општествено влијание. Особен акцент беше ставен на Dialogue Method, кој претставува моќна алатка за градење доверба, активно слушање, разбирање на различните перспективи и заедничко креирање решенија.

Со успешното завршување на обуката, претставниците на УГД се стекнаа со сертификати и со компетенции за реализација на идните активности на Changemaker Ambassador Programme на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Во текот на наредната година тие ќе бидат активно вклучени во организирање и спроведување на програмата со студенти и вработени, придонесувајќи кон развој на лидерство, активно граѓанство, соработка и култура на дијалог во академската заедница.

Учеството на УГД во оваа програма претставува значаен чекор во јакнењето на меѓународната соработка во рамките на Алијансата ACE²-EU, како и во создавањето академска средина која ги поттикнува иновациите, општествената одговорност и позитивните промени.