На Генералното собрание на Европската асоцијација за физичко образование (European Physical Eduication Association- EUPEA) https://eupea.com/, кое се одржа на Миконос во Грција, проф. д-р Билјана Попеска од Факултет за образовни науки при УГД е избрана за заменик-претседател на ЕУПЕА.
ЕУПЕА претставува највисока организација во Европа во сегментот на физичкото образование. Истата ги обединува наставниците по физичко образование, едукатори на наставници по физичко образование и истражувачи од областа на физичкото образование и спортските науки од цела Европа и претставува чадор организација со повеќе од 50 членки од цела Европа. Работата на ЕУПЕА е во доменот на градење на политики и реформи за унапредување на квалитетот на физичкото образование, професионален развој на наставниците и промоција на квалитетно физичко образование како дел од севкупното образование, следејќи го мотото „нема образование без физичко образование“.
Изборот на проф. д-р Попеска е продолжување на нејзината работа како член на Извршниот одбор во изминатите три години и шестгодишното членство како член на Бордот и претставник за Југоисточна Европа. Изборот претставува препознавање на работата во делот на градењето на стратегии за квалитетно физичко образование, инклузија во физичкото образование, ЕУ барометар за физичко образование и сл.


