Search

угд фм |     contact@ugd.edu.mk

Сара Панева и Бојана Тасева добитнички на „Инженерски прстен 2025“

Споделете

Сара Панева од Факултетот за природни и технички науки и Бојана Тасева од Факултетот за информатика на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип се добитнички на признанието „Инженерски прстен“, кое секоја година го доделува претседателот на Република Македонија.

Тие се најдоа меѓу 14 студенти (од УКИМ, УГД, УКЛО и ДУТ) кои го добија ова вредно признание.

Признанијата ги додели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а свечената церемонија се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник во Охрид.

Покрај студентките од УГД, добитници на „Инженерски прстен 2025“ се девет студенти од УКИМ – Скопје,  двајца студенти од УКЛО – Битола и еден студент од ДУТ – Тетово.

За претседателката Сиљановска-Давкова, „Инженерскиот прстен“ персонифицира нераскинлива врска со умот, знаењето, истражувачкиот дух, посветеноста, упорноста, компетитивноста. Честитајќи им го на добитниците престижното признание, ја истакна важноста од континуираната поддршка на образованието и науката, како најдобра општествена инвестиција.

Таа ја реафирмира потребата од развојна образовна политика, компатибилна со регионалната и европската, насочена кон наша интеграција во европската истражувачка сфера и афирмација на меѓународниот истражувачки пазар.

Андреј Лепавцов, претседател на Инженерската институција на Македонија, им порача на најдобрите инженери во прстенот да гледаат не само признание, туку и обврска и предизвик за поголемо знаење и повисоки стандарди на квалитет.

„Наша должност е да ве поддржуваме во секоја фаза од вашата професионална кариера. Ние ќе бидеме тука да ве поврземе со индустријата, да ви помогнеме да ги продолжите вашите академски патеки“, рече тој и нагласи дека институцијата со која раководи ќе ги охрабрува да се вклучат во креирањето на инженерската политика на државата.

Манифестацијата „Инженерски прстен“ се одржува под покровителство на претседателката на државата, а во организација на Инженерската институција на Македонија и на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.