На Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ денес се одржа настанот „Денови на инклузија“ под мотото „Со љубов и поддршка да создадеме свет без бариери“. Настанот беше посветен на инклузивното образование и практичната поддршка за деца со специфични потреби, преку едукативни предавања и интерактивни работилници.
Настанот започна со регистрација на учесниците, по што следеше воведното излагање на проф. д-р Јадранка Рунчева на тема „Инклузијата во училишната реалност – приказ од македонскиот образовен контекст“, каде што беше истакнато значењето на прифаќањето и поддршката на учениците во сите образовни установи.
Во продолжение, учесниците имаа можност да се претстават, при што учествуваа проф. д-р Томислав Таневски, м-р Катерина Николовска и м-р Билјана Пешова.
Во рамките на настанот беа организирани три паралелни работилници:
- „Музикотерапијата како современа алатка во работа со деца“ – предводена од проф. д-р Томислав Таневски, во која беше прикажан музикотерапевтски третман како пристап што го олеснува изразувањето кај децата и придонесува за нивниот психо-емоционален развој.
- „Грижата за себе како предуслов за адекватна родителска грижа“ – работилница одржана од м-р Билјана Пешова, психолог и гешталт терапевт, со фокус на важноста од ментално здравје кај родителите.
- „Поддршка на ученици со дислексија: Разбирање, симулација и стратегии“ – водена од м-р Катерина Николовска, која презентираше конкретни алатки и методи за едукатори при работа со ученици кои се соочуваат со специфични тешкотии во учењето.
Професорот Таневски зборуваше и за значењето на музикотерапијата, што тоа значи и колку е застапена во нашето образование.
Настанот беше одлично прифатен од страна на присутните просветни работници, студенти, родители и стручњаци, кои преку интеракција и практична работа добија конкретни насоки за поддршка на децата во образовниот систем.
Факултетот за образовни науки останува посветен на промовирањето на вредности како еднаквост, инклузија и емпатија во воспитно-образовниот процес.