Search

УГД потпиша Меморандум за соработка со Стартап клуб Скопје

Споделете

Денес на Универзитетот „Гоце Делчев“ се организира стартап настан заедно со Стартап клуб Скопје, еден од клучните чинители во стартап екосистемот во нашата држава.

Целта на настанот е да ги запознаеме студентите со моменталната состојба во делот на иновацискиот и стартап системот, да го промовираме настанот кој Стартап клубот Скопје ќе го организира во наредниот период, а кој се однесува на Стартап револуција, и да поразговараме со студентите во однос на нивните можности и програмите што ги нудат инкубаторските системи.

УГД во изминатиот период и во наредниот период активно работи и ќе работи на една иноваторска и претприемачка инфраструктура, којашто ќе им помогне на нашите студенти да бидат креативни, да размислуваат во насока на отворање на сопствени бизниси, затоа што една од мисиите на нашиот Универзитет не е само да им понудиме на студентите модерно знаење кое ќе биде во насока на нивно вработување во постоечките компании, туку многу повеќе, да креираме еден систем којшто ќе им помогне на студентите да бидат креативни, да размислуваат, да станат претприемачи и да основаат успешно свои компании. УГД во наредниот период ќе го промовира и својот Стартап центар, којшто ќе биде составен од неколку инкубатори, односно неколку хабови. Еден од тие хабови ќе биде на Економски факултет, другиот на Факултетот за природни и технички науки, а идејата е на студентите да им понудиме менторски и тренинг-програми и други инструменти за успешно да започнат бизнис и успешно да ги имплементираат своите креативни идеи.

Проректорот Лазаров истакна дека во рамки на Европската алијанса ACE 2EU УГД, исто така, има една програма која се однесува на применета наука, на иновации, на претприемништво, и целите на Универзитетот се сето знаење што го имаат универзитетските партнери од другите универзитети од Алијансата да им се пренесе овде на нашите студенти и да се креираат едни позитивни услови кои ќе им помогнат на младите претприемачи да бидат успешни во својата професија.

Проректорот, исто така, најави дека Стартап центарот на УГД ќе биде отворен до крајот на оваа година, а ќе функционира веќе во наредната.

Ана Секуловска, програмски директор во Стартап Скопје, истакна дека досегашните искуства покажуваат дека има многу луѓе кои имаат своја бизнис идеја и оттаму тргнала иницијативата за формирање на клубот.

Идејата е да им дадеме менторска поддршка на оние кои сакаат да ја започнат својата бизнис идеја, без разлика на нивната возраст и индустрија. Она што е најважно е да има потенцијал на пазарот на кој тие сакаат да настапат, но дополнително идејата да не биде наменета само за македонскиот пазар, туку да може лесно да се рашири и на други пазари. Тоа го овозможуваме преку менторската мрежа што ја имаме во рамки на инкубаторската програма Имам идеја 2, каде што моментално е отворен и третиот повик, кој е отворен за аплицирање до 18 ноември. Студентите сакаме да ги анимираме и привлечеме преку соработката со универзитетите и со студентските организации. Процесот на анимирање не е само од аспект на достапност на информации, но и со градење на конекција со нив и гледање кои се нивните потреби. Преку лоцирање на тие потреби градиме едукативни програми кои ним им помагаат и ги носиме во нашата мрежа, со цел кога ќе се подготвени да развиваат нешто да им понудиме соодветна поддршка.

Еден успешен пример кој произлегол од соработката со Стартап Скопје е апликацијата ДИАМ, чиј коосновач Марио Мијатовиќ вели дека сѐ започнало со аплицирање на Повикот на Стартап Скопје.

 – Почнавме буквално од идеја. Аплициравме на Повикот на Стартап Скопје за грант за социјално претприемништво, бевме меѓу одбраните Топ 10 идеи. Изработивме првичен продукт, потоа влеговме во програмата Имам идеја, а сега сме во фаза на дополнување на целата мобилна апликација. ДИАМ е апликација преку која може да се следат сите параметри, од спиење, исхрана, физичка активност, нивото на шеќер, и не само тоа, туку апликацијата е на некој начин како асистент којшто ви дава практични совети како да го подобрите вашето здравје. Секако сите одлуки се носат во консултација со матичен лекар, но идејата е да наоѓа трендови и корелации со кои ќе можете полесно да ја разберете состојбата на дијабетес и да се грижите за своето здравје – изјави Марио Мијатовиќ.

Во рамките на настанот беше потпишан и Меморандум за соработка на Универзитетот „Гоце Делчев“ и Стартап Скопје.