УГД со дебати и настан „18 години УГД – Партнерства и соработки” одбележува 18 години од своето постоење. Посебен фокус беше ставен на промоција на партнерствата и соработките на нашата институција со локалната заедница, бизнис секторот и со меѓународните институции.
На три панел-дискусии се говореше на теми:
- УГД и локалната заедница,
- УГД и бизнис секторот и
- Меѓународната соработка на УГД.
На панелите учествуваа ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип, градоначалникот на Општина Штип, проректорот за инвестиции и развој, проректорот за меѓународна соработка и претставници на бизнис секторот.
Меѓу другото, беше истакнато значењето на соработката и беше споменато она што е најнова информација важна за УГД, за Штип и за регионот, дека во наредниот период ќе се гради нов објект за Факултетот за медицински науки, како и Студентски дом со капацитет од 200 места.
– Денес ми е чест што можеме да зборуваме и да прославиме за дел од најважните работи за нашиот Универзитет, а тоа се партнерствата и соработките. Партнерствата и соработките со заедницата во којашто функционираме, со локалните задници и со индустријата, реалниот сектор, за нас се од огромно значење и сакаме да им ја пренесеме пораката на сите членови на академската заедница, но и надвор од неа, дека тоа е можност да работиме заедно, да се усовршуваме заедно. Ние можеме да работиме и да учиме од реалниот сектор, исто како што можат тие да ги користат ресурсите и знаењата што ги има Универзитетот. Тоа е и целта на овој денешен настан, да ја пренесеме пораката дека партнерството и соработката помеѓу реалниот сектор, стопанството и локалната самоуправа, односно регионите во кои функционираме се основата за развој и наш и на околината во којашто функционираме – изјави ректорот проф. д-р Дејан Мираковски.
УГД е дел од локалната заедница и извонредно е значењето на високото ниво на соработка со локалната самоуправа. Ова го потврди и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
– Развојот на Универзитетот „Гоце Делчев“ директно значи и развој на општината, а соработката којашто општината ја има заедно со Универзитетот и со реалниот сектор е, всушност, она што придонесува за директен инпут во економијата во нашиот град, за развој на локалната економија. Но, сакам да потенцирам дека Универзитетот и соработката што ја имаме овие 18 години не значи само јакнење на локалната економија, туку пренесување знаење кое се врши во нашиот град и е многу значајно за да продолжат процесите во сите сегменти на општеството, да се развиваат. Мене ми е драго што Штип е образовен центар во којшто преку УГД, преку соработката што ја имаме воспоставено, се создаваат квалитетни вредности во сите сегменти, а образованието е клучен фактор процесите да се движат напред. Посакувам и во годините коишто следуваат да продолжи и да се продлабочува соработката што ја имаме воспоставено, а тоа да придонесе за поквалитетно образование, за поголем развој на нашиот град и на нашата држава, вклучувајќи ги сите сегменти во општеството.
Јелена Лазова, раководителка на Глобален развој, претставник на „Алкалоид“ – Скопје, говореше за соработката на УГД и бизнис секторот, а најави и значаен проект кој „Алкалоид“ и УГД го започнуваат и ќе трае во наредните пет години.
– Како претставник на бизнис секторот можам да истакнам дека соработката на индустријата и академијата се од клучно значење, затоа што ние како општествено одговорна компанија со долга традиција и фокус кон развојот и иновациите сметаме дека заедничката соработка ќе доведе до полесно остварување на нашите цели. Тој вид на соработка досега беше организиран преку активности во форма на летно практикантство, докторски студии, специјалистички студии, размена на знаење, работа на заеднички проекти. Со потпишувањето на Меморандумот на „Алкалоид“ и УГД веќе започнуваме и со заеднички проекти, научноистражувачки проект којшто се однесува на последната регулатива во ЕУ, што ќе стапи на сила во 2026 година и се однесува на одржливото пакување на фармацевтските производи. Тоа ќе биде еден долг, комплексен проект, кој ќе трае пет години и ќе биде спроведен во три фази. Се надеваме на успешна соработка и многу брзи и одлични резултати – потенцираше Лазова.