Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип преку проф. д-р Сашо Коцески од Факултетот за информатика, кој истовремено е и координатор на работниот пакет 5 за изградба на е-Кампус на алијансата ACE2EU, учествуваше и коорганизираше Blended Intensive Programme (BIP) со наслов „Work Dignity in the Digital Era“ (Достоинство на трудот во дигиталната ера: Кон дигитално инклузивно и иновативно општество), кој се одржа на Политехничкиот универзитет во Сантарем, Португалија, од 23 до 27 јуни 2025 година. Програмата обедини студенти од додипломски, магистерски и докторски студии, како и академски кадар од партнерските универзитети вклучени во Европската универзитетска алијанса ACE2EU.
Во рамките на програмата, професорот Коцески одржа предавања и работилници на напредни теми од областа на вештачката интелигенција. Фокусот беше ставен на генеративната вештачка интелигенција, начинот на нејзино функционирање, можностите и предизвиците кои таа ги носи во современиот дигитален свет. Беа дискутирани и теми врзани за приватноста, безбедноста, транспарентноста и стандардите при користење на различни алатки базирани на генеративна вештачка интелигенција.
Програмата стави силен фокус на интеграцијата на вештачката интелигенција во науката и образованието, со посебен акцент на стандардите и добрите практики за нејзина интеграција во образовниот процес на сите нивоа. Преку практични активности и дискусии беа презентирани методологии и алатки за користење на генеративната вештачка интелигенција во образовниот процес, а студентите и професорите беа охрабрени да дизајнираат алатки базирани на вештачка интелигенција кои го намалуваат дигиталниот јаз и се применливи за сите корисници, вклучувајќи ги и лицата со посебни образовни потреби.
Проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, проректорка за меѓународна соработка на УГД, учествуваше во воведните инспиративни говори, споделувајќи ги искуството и активностите на Универзитетот во областа на вештачката интелигенција. Во своето излагање ги истакна иницијативите на Правниот факултет, како што е проектот „Примена на генеративна вештачка интелигенција во правната професија“, проектот на Факултетот за образовни науки за користење на вештачката интелигенција во наставата, како и проектот NEwaves за детектирање на лажни вести преку радио емитување. Таа учествуваше и во пошироката дискусија за тоа како вештачката интелигенција може да се интегрира во образовните и истражувачките активности во рамките на алијансата ACE2EU.
Во програмата, исто така, учествуваа и професорката Наташа Коцеска од истоимениот факултет и одржа практична работилница со наслов „Дали треба да се плашиме од вештачката интелигенција? Бидете свесни и користете ја правилно“. Предавањето поттикна активна дискусија и критичко размислување за етичката употреба на вештачката интелигенција во секојдневниот живот.
Во текот на 50-часовната интензивна недела и дополнителните 10 часа онлајн сесии, програмата промовираше култура на иновација, решавање проблеми и соработка. Учесниците работеа во тимови на креирање конкретни планови за примена на наученото, со цел унапредување на дигиталната писменост, еднаквоста и инклузијата во нивните институции и заедници. Програмата успешно придонесе кон развој на вештини за иднината и зајакнување на соработката помеѓу европските универзитети кои се стремат кон изградба на поинклузивно и дигитално оспособено општество.
Оваа иницијатива претставува уште една важна пресвртница во стратешката определба на УГД кон меѓународна соработка, иновации и развој на капацитети, во рамките на алијансата ACE2EU, и секако кон промоција и интеграција на вештачката интелигенција во системот на високо образование.