Search

угд фм |     contact@ugd.edu.mk

Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип потпиша Договор за соработка со Калифорнискиот политехнички универзитет Хамболд – САД

Споделете

На 20 септември 2025 година во Охрид беше потпишан Договор за соработка помеѓу Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и Калифорниски политехнички универзитет Хумболт, Арката, Калифорнија – Хумболт.

Договорот беше потпишан во свечениот дел на манифестацијата „Денови на европското наследство“, која се одржа во Охрид, во организација на неколку институции: Министерство за култура, Министерство за европски прашања, Општина Охрид и Музеј на Охрид, како и музеите во Штип, Свети Николе, Виница, Прилеп и во Битола.

Овој Договор отвора огромни можности за научна соработка на нашите професори и можности за студиска размена на нашите студентите од двата универзитети.

Калифорнискиот политехнички универзитет Хумболт  (Cal Poly Humboldt) е еден од 22 универзитети во Државниот универзитетски систем на Калифорнија и претставува врвна високообразовна институција којашто нуди одлични можности за нашиот факултет, за вработените и за студентите, со оглед на фактот што точките на соработка се разновидни и многубројни.

Имено, согласно со Договорот, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Калифорнискиот политехнички универзитет Хумболт изразуваат желба да соработуваат на програми за размена и на спроведување на археолошки истражувања кои ќе ги зголемат образовните можности на нивните студенти, наставно-научниот кадар и персонал, во исто време проширувајќи ги сознанијата за македонското историско и културно наследство.

На овој начин, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип продолжува со својот проактивен пристап во процесот на интернационализација на своите активности преку отворање на нови форми на соработка со нашите меѓународни партнери овозможувајќи им на тој начин на своите професори и студенти нови перспективи за соработка.