Search

Започна втората фаза од проектот IMPACTWHEEL: Фокус на податоци и политики за посилен иновациски екосистем

Споделете

Европскиот проект IMPACTWHEEL, во кој партнер е и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, продолжува со нова фаза насочена кон подобро разбирање на потребите на академската заедница и унапредување на поддршката за иновации и претприемништво во високообразовните институции.
Во рамки на првата фаза од проектот, студенти, истражувачи, академски кадар и претставници од компании учествуваа на специјализирани обуки насочени кон развој на практични вештини за иновации и претприемништво. Централно место во обуките имаше методологијата VCW – Value Creation Wheel, која претставува алатка за трансформирање на идеите во конкретни и одржливи решенија со реална општествена и економска вредност.

Преку овој пристап, учесниците имаа можност да научат како да ги поврзат иновациските способности со активното вклучување на засегнатите страни и со стратешко позиционирање на идеите. Целта е создавање решенија кои не само што се иновативни, туку имаат и долгорочен и мерлив импакт.

По успешната реализација на првата фаза веќе започна и втората фаза од проектот IMPACTWHEEL. Овој дел од проектот се фокусира на прибирање релевантни информации и искуства преку анкета, со која се настојува да се добие подлабоко разбирање за тоа како високообразовните институции можат дополнително да ја зајакнат поддршката за иновации и претприемништво.

Во овој процес особено значајно е учеството на академската заедница и истражувачите, бидејќи нивните искуства и ставови ќе придонесат кон креирање поефективни политики и програми за развој на иновацискиот екосистем.

Со интегрирање на VCW моделот, процесите на интернационализација и пристапите засновани на анализа на податоци, проектот IMPACTWHEEL има за цел да помогне во развојот на појасни и поструктурирани стратегии за иновации. Овие стратегии треба да им овозможат на универзитетите, истражувачките центри и компаниите поефикасно да создаваат иновации со реално и глобално влијание.

Ваквите иницијативи ја зајакнуваат улогата на универзитетите како клучни двигатели на знаење, иновации и одржлив развој во современото општество.

Повеќе информации за проектот се достапни на официјалната веб-страница: https://impactwheel.eu/