Search
|     contact@ugd.edu.mk

Започнува третото издание на меѓународниот „Фестивал за современа музика 2025“ – Штип

Споделете

Третото по ред издание на меѓународниот „Фестивал за современа музика 2025“, во организација Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ –  Штип, ќе се одржи од 26 до 29 мај во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип.

„Фестивалот за современа музика 2025“ е посветена на промоција на светското и на домашното исполнителство и творештво. Во рамките на овогодишната програма фестивалот во својот традиционален пролетен термин од 26 до 29 мај ќе понуди четири камерни концерти, на кои ќе настапат реномирани странски и домашни уметници кои своето уметничко реноме го градат низ светските концертни подиуми.

Просторот на Уметничката галерија „Безистен“ во Штип овој пат ќе го облагородат звуците на познатото Новосадско камерно трио „Хероини“. Новосадската тројка е составена од истакнатите уметници: Ксенија Мијатовиќ-Кором – флејта, Вероника Антуновиќ-Мариќ – обоа и Слободанка Стевиќ – пијано, коишто ќе го отворат фестивалот во понеделник, на 26 мај. Еминентната пијанистката Милица Јелача-Јовановиќ, која ни доаѓа од Вашингтон, САД, ќе настапи на втората фестивалска вечер, на 27 мај, а како гостин на концертот ќе настапи и нашата реномирана пијанистка Милица Шкариќ. Камерното дуо во состав Татјана Џорлева – пијано и Ангеле Михајловски – пијано ќе настапат со програма за четирирачно пијано на 28 мај. Концертите ќе донесат богата, нова и свежа музичка програма, вклучувајќи и премиерни дела, со што Штип ќе го донесе духот на новото музичко живеење во светот.

Во рамките на својата редовна концертна програма, „Фестивалот за современа музика“ традиционално ќе го отстапи својот подиум и на младите уметници, со цел нивна промоција и афирмација на почетокот на нивната концертна кариера. Можноста да го претстават својот талент на професионалниот концертен подиум е особено значајна за младите музичари и нивниот понатамошен развој и напредок на уметничкиот пат. На оваа трета фестивалска вечер на 29 мај ќе настапат студентите на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ –  Штип.

Сите концерти се со почеток во 19 часот во УГ „Безистен“ – Штип.

Влезот на концертите е слободен.