Search

Апсолутните владетели на македонската одбојка „Штип УГД“ на прием кај ректорот Мираковски

Споделете

Одбојкарскиот клуб „Штип УГД“, по големиот успех, освојувањето на двојна круна, титула во Купот и Првата лига на Македонија, што претставува апсолутна доминација, беа примени од ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

Ректорот изрази задоволство од можноста да ги прими членовите на Одбојкарскиот клуб „Штип УГД“.

– Одбојкарите оваа година успеаја да се закитат со двојна круна – победија и во Купот и во првенството, за првпат имаме екипен спорт во градот Штип кој успева да освои титула во прволигашка конкуренција во екипна конкуренција, така што навистина е задоволство и чест да бидете дел од таа приказна. Универзитетот „Гоце Делчев“ со ресурсите со кои располага е на располагање на овој тим и верувам дека заедно со поддршката и на другите институции во градот завршивме една многу успешна приказна, покажавме дека може, дури и со скромни ресурси, да се направи успех. Тој успех е заслуга на сите членови на клубот, од најмладите категории кои верувам дека по овој успех ќе почнат да се градат и да станат токму тоа што се денес нивните колеги од првиот тим, од управата, стручниот штаб, тренерите… Навистина е чест да се биде дел од оваа успешна приказна и ќе продолжиме со сите ресурси со кои располагаме да го поддржуваме спортот, бидејќи тој е неизоставен дел од животот, нѐ учи да бидеме посветени, упорни и храбри во своето делување. Се надевам дека оваа успешна приказна ќе мотивира повеќе млади да се занимаваат со спорт, да бидат дел од Универзитетот „Гоце Делчев“ и заедно да ја развиваме државата во која живееме – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

За Кристиан Ристески, тренер и еден од носителите на проектот Одбојкарски шампиони во Штип, довербата од Ректорската управа е многу важна, а најавува посветување на работа и вложување во младите, кои треба да бидат идните носители на успехот на „Штип УГД“.

– Традиционално, по секој успех, ОК „Штип УГД“, сите играчи имаме чест да бидеме на прием овде кај ректорот. Ја користам оваа пригода да искажам огромна благодарност до Универзитетот „Гоце Делчев“, пред сѐ до ректорот за сета поддршка којашто години наназад ни ја дава. Оваа Ректорска управа имаше доверба во целиот проект кој беше замислен наназад седум-осум години, дека еден ден ќе станеме шампиони, дека еден ден младите од Штип ќе веруваат во овој клуб, дека еден ден на тие млади ќе им се овозможи соодветно место каде што ќе се развиваат како спортисти, како граѓани на оваа држава и каде што успесите ќе ги славиме сите заедно. Се надевам дека оваа соработка, како што кажа и ректорот, ќе продолжи, бидејќи заедно сме посилни, заедно градиме иднина, и заедно младите ќе растат и ќе создаваат резултати – вели тренерот на „Штип УГД“, Кристиан Ристески.

Во спортот е тешко да се стигне до врвот, но не е лесно и да се опстане таму, па поради тоа ова е моментот во кој клубот треба да размислува како понатаму во одржувањето на нивото кое е постигнато. За ова, Ристески вели:

– Моментално, ефектот кој ние сакавме да го постигнеме го постигнавме, а тоа е пред сѐ да ја донесеме публиката во салата, но и да привлечеме што повеќе млади да учествуваат во овој клуб, така што моментално ќе се фокусираме оваа сезона на една константа којашто треба да го движи овој клуб напред, а тоа е повеќе вложување во младите од кои ќе создаваме нови генерации и нови играчи.