Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип како дел од „Европската ноќ на истражувачи“ ги отвори своите лаборатории за средношколците и за сите заинтересирани граѓани. Средношколците имаа можност да ги посетат лабораториите и да ги проследат презентациите на професорите од УГД.
Покрај отворените лаборатории, „Европската ноќ на истражувачи“ ќе биде одбележана со дебати, стручни предавања, а ќе заврши со мултимедијален настан „Уметност и наука под ѕвездите“, кој се одржува во Спортската сала „Јордан Мијалков“ (инаку претходно планиран за Плоштадот „Слобода“ во Штип, но поради временските услови локацијата е сменета).
Проректорот за инвестиции, одржување и развој, проф. д-р Дарко Лазаров, изјави дека „Европската ноќ на истражувачи“ е европска научна манифестација во којашто се вклучени повеќе од 50 универзитети ширум Европа.
„За таа цел широко ги отвораме вратите на нашиот Универзитет за студентите, за младите средношколци, меѓутоа и за љубопитните граѓани. Преку серија активности, интерактивни работилници, научни експерименти, меѓутоа и преку културни, односно уметнички манифестации ќе се обидеме да го промовираме Универзитетот и неговата научноистражувачка димензија, односно улога во општеството“, вели Лазаров.
Тој посочи дека на тој начин покажуваат дека УГД-Штип е еден европски модерен универзитет којшто широко ги отвора вратите и е транспарентен кон јавноста. Цел на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип не е само да создаваат и да креираат наука, туку многу повеќе, да ја пренесуваме кон младите исто така да ја применуваат во решавање на различни предизвици, со кои секојдневно се соочува нашето општество.
Проф. д-р Александра Милева, деканка на Факултетот за информатика при УГД – Штип, вели дека денес се слави науката, бидејќи таа е двигател на нашето општество – денес и во минатото.
„Ги отворивме вратите на лабораториите. Младите ќе можат да се запознаат со нашите лаборатории, ќе има изведување на експерименти, ќе има научнопопуларни предавања, ќе има панел-дискусија за храната каде што ќе научат дека храната може да им биде пријател или непријател на нивното здравје. Главниот настан се случува вечерва, каде што ќе имаме богата уметничко-културна програма, но исто така ќе имаме и изложување на претставување на сите факултети и лаборатории и дел од средните училишта од Штип и од Источна Македонија“, изјави Милева.
Покрај отворените лаборатории, уште две значајни активности заземаа место во дневниот дел од „Европската ноќ на истражувачи“ на УГД.
На Земјоделскиот факултет се одржа Панел на тема „Улогата на научните достигнувања врз општеството; Храната – пријател или непријател на вашето здравје“. Модератор на Панелот беше деканката на Земјоделски факултет, проф. д-р Емилија Арсов, а учесници беа: проф. д-р Валентина Велковска-Накова и проф. д-р Татјана Рушковска, редовни професори на Факултет за медицински науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип; проф. д-р Билјана Попеска, редовен професор на Факултет за образовни науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и проф. д-р Душица Попова, вонреден професор на Факултет за туризам и бизнис логистика, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
Вториот настан е „Моќта на науката“, каде што беа презентирани предавања од реномирани професори на УГД. Модератор беше проф. д-р Александра Милева, редовен професор на Факултет за информатика, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, а предавањата беа на повеќе теми:
- проф. д-р Зденка Стојановска, редовен професор на Факултет за медицински науки , Универзитет „Гоце Делчев“ Штип, тема: Науката и ние;
- проф. д-р Кирил Барбареев, редовен професор на Факултет за образовни науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, тема: Педагогија на успехот: Како учиме да бидеме (не)успешни?;
- проф. д-р Сашо Коцески, редовен професор на Факултет за информатика, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, тема: Вештачка интелигенција и роботика – Каде се границите и што останува за човекот?;
- проф. д-р Дејан Мираковски, редовен професор на Факултет за природни и технички науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, тема: Науката што нѐ штити – Од климатски промени до воздухот што го дишеме;
- проф. д-р Вања Филиповски, насловен вонреден професор на Факултет за медицински науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, тема: Предизвици на медицинската дијагностика во новото време.


