Во рамки на Европската ноќ на истражувачи 2026, успешно се реализираше панел-дискусијата на тема „Храната – пријател или непријател на нашето здравје?“, која привлече голем интерес и беше особено посетена од младите средношколци.
Што јадеме денес и како нашите избори влијаат врз здравјето утре? Дали храната е наш сојузник во зачувувањето на здравјето или, напротив, одредени навики можат негативно да влијаат врз нашиот организам? Кои се компонентите во нашата секојдневна исхрана кои ги обезбедуваат нашите клетки и нашиот организам во целина со неопходната енергија за одржување на животните процеси? Како потрошувачот да препознае квалитетна храна и кој е одговорен за неговото здравје – производителот или потрошувачот? Како нашата релација со храната ја подобрува или влошува нашата физичка подготвеност, способноста да се движиме и да бидеме здрави и физички активни? Kои се потенцијалните негативни влијанија на несоодветниот избор и прекумерната консумација на одредени видови храна врз здравјето на луѓето?..
На овие, но и на низа други актуелни прашања, се разговараше низ интересна и интерактивна дискусија.
Активни учесници во панел-дискусијата беа: проф. д-р Татјана Рушковска, редовен професор на Факултет за медицински науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Душица Попова, вонреден професор на Факултет за туризам и бизнис логистика, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Билјана Попеска, редовен професор на Факултет за образовни науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и проф. д-р Валентина Велковска Накова, редовен професор на Факултет за медицински науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
Модератор на панел-дискусијата беше проф. д-р Емилија Арсов, редовен професор на Земјоделски факултет, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, која со своето знаење во неисцрпната тема за значењето на храната, придонесе за квалитетна, динамична и инспиративна дискусија.
На едно место беа поврзани науката, истражувањата и секојдневните навики, со посебен фокус на значењето на правилната исхрана, квалитетот и безбедноста на храната, влијанието на современиот начин на исхрана и важноста на информираниот избор.
Средношколците имаа можност да слушнат научни сознанија и ставови од експертите, но и активно да се вклучат во дискусијата преку поставување прашања, споделување мислења и размислувања за секојдневните избори поврзани со исхраната.
Големиот интерес и активното учество на младите покажаа дека темите поврзани со здравјето, науката и квалитетот на животот се особено важни за новите генерации и дека ваквите средби се одлична можност науката да им се доближи на младите на интересен и разбирлив начин.
Настанот уште еднаш потврди дека храната не е само нешто што го јадеме, туку важен дел од нашето здравје, секојдневие и квалитет на живот.
🔬 CHOOSE SCIENCE – „Избери наука!“
Градење на општеството преку истражување и иновации


