Search

Европска ноќ на истражувачи 2026, Моќта на науката

Споделете

Предавања на реномирани професори на УГД

Во рамките на Европската ноќ на истражувачи, на 25.9.2026 година (петок) се одржа серија од пет предавања на реномирани професори на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на теми интересни за пошироката јавност.

Првото предавање на тема „Науката и ние“ го одржа проф. д-р Зденка Стојановска, редовен професор на Факултет за медицински науки, доктор на физички науки. Нејзиното предавање, всушност, повеќе беше резултат на нејзината неколкугодишна работа како проректор за наука на УГД. Професорката зборуваше за концептот на отворена наука, како денес научните сознанија стануваат подостапни, но и колку често се злоупотребува фразата „научно докажано“ во текстови на социјалните мрежи и медиумите. Нејзината порака беше „Кога ќе прочитаме ‛научно докажано‛, тоа не треба да биде крајот на проверката – туку почетокот“.

Проф. д-р Кирил Барбареев, редовен професор на Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кој истражува и предава во областите методика и образование на наставници, го одржа второто предавање на тема „Педагогија на успехот: Како учиме да бидеме (не)успешни? “. Науката одамна потврди дека нашите навики, однесувања и животни обрасци се длабоко обликувани од средината во којашто растеме. Излагањето на проф. Барбареев тргна од парадоксот дека успехот и неуспехот не се само резултат на индивидуалниот талент, туку се длабоко условени од системот во кој функционираме. Фокусот беше ставен на критичката анализа на образовните системи, кои функционирајќи по екстрактивен модел заснован на бирократија и страв, ја исцрпуваат енергијата на младите и наставниците, ограничувајќи го нивниот потенцијал. Понатаму професорот ја потенцираше потребата од неопходна педагошка и културна трансформација, што треба да го врати хуманиот аспект и емпатијата во срцето на воспитниот процес. Преку испитување на микросредината – просторот каде што секојдневно се среќаваат младите и нивните професори – беше нагласено дека вистинското учење се случува само во инклузивни екосистеми изградени врз доверба, дијалог и слобода.

Третото предавање на тема „Вештачка интелигенција и роботика – Каде се границите и што останува за човекот?“ го одржа проф. д-р Сашо Коцески, редовен професор на Факултет на информатика при УГД и доктор на технички науки, кој истражува во областа на роботиката, вештачката интелигенција и медицинската информатика. Професорот е тековен проректор за настава на УГД. Предавањето на проф. Коцески инспирирано од едно прашање на неговата ќерка имаше за цел да објасни зошто на вештачката интелигенција денес ѝ е лесно да реши олимписка геометриска задача, но едноставна задача за човекот, како средување на дневната соба, не може да ја изврши во целост како што би сакал домаќинот. Првиот дел беше поддржан со тврдењето дека „Ако може да го измериме успехот, можеме да го автоматизираме учењето“ и таквите проблеми ВИ може да ги решава. Но, човекот е способен да знае како се прави нешто без да умее да објасни како го знае тоа, па затоа втората задача е проблем, бидејќи „машината може да ја реши задачата совршено и сепак да згреши во сè што е важно“ и не е свесна зошто се работи оваа задача.

Проф. д-р Дејан Мираковски, редовен професор на Факултетот за природни и технички науки при УГД и тековен ректор на УГД, одржа предавање на тема „Науката што нѐ штити – Од климатски промени до воздухот што го дишеме“. Во своето излагање, проф. Мираковски истакна дека на многу важни прашања, како што е „Дали воздухот што го дишеме е чист?“, не може да се одговори без научни мерења, анализи и соодветна опрема. Тој нагласи дека не е доволно само да се утврди присуството на загадување, туку е неопходно прецизно да се идентификуваат и неговите извори.  Предавањето ги опфати главните извори на загадување на воздухот во Македонија, како и проблемот со загадувањето на воздухот во затворени простории. Беше опфатен и проблемот на денешните лажни експерти со агенда. Пораката на проф. Мираковски беше дека „Науката не нè штити затоа што секогаш е во право. Нè штити затоа што има начин да открие кога не е.“

Последното предавање на тема „Предизвици на медицинската дијагностика во новото време“ беше одржано од проф. д-р Вања Филиповски, вонреден професор на Факултетот за медицински науки, специјалист по патолошка анатомија и вработен во Лабораторијата за хистопатологија и цитологија при Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје. Во предавањето беа разгледани современите предизвици во медицинската дијагностика и можностите што ги нудат науката и современата технологија за нивно надминување. Посебно внимание беше посветено на дигиталната патологија, која овозможува дигитализација, складирање и споделување на патолошките препарати, олеснувајќи ја дијагностиката, консултациите, едукацијата и научноистражувачката работа. Беше истакнат и потенцијалот на вештачката интелигенција и автоматизираната анализа на медицински слики како поддршка на патологот при препознавање и анализа на морфолошки промени. Сепак, и покрај значајните придобивки, дигитализацијата носи и предизвици поврзани со стандардизацијата, валидацијата, трошоците, техничката инфраструктура и заштитата на медицинските податоци.

Сите пет предавања го задржаа вниманието на публиката повеќе од 2 часа и покажаа дека УГД има реномирани професори со кои може да се гордее.