Search

Моден перформанс на студентите на Технолошко-технички факултет

Споделете

ОД ОТПАД ДО УМЕТНОСТ: НОВАТА ЕСТЕТИКА НА ИДНИНАТА

Во петокот, на 25.9.2026 година, се одржа Европската ноќ на истражувачи 2026, истовремено во Штип, Скопје, Битола и повеќе европски градови. Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип како партнер во проектот „Избери наука! Градење на општеството преку истражување и иновации“, организираше бројни активности и настани за оваа манифестација која ја слави науката.

Главниот настан, проследен со богата културно-уметничка програма, се одржа во вечерните часови во Спортската сала „Јордан Мијалков“. Една од најзначајните точки на вечерта беше модниот перформанс на студентите од Технолошко-техничкиот факултет, реализиран заедно со средношколци од средните училишта, под менторство на проф. д-р Сања Ристески. Во рамките на модната ревија беше претставена колекцијата „Sci-Waste: FUTURE-FORM“, која ги обединува модата, технологијата и одржливоста, трансформирајќи го текстилниот отпад во авангардна визуелна форма.

При изработката на колекцијата и реализацијата на перформансот беа користени и ресурсите на лабораторијата UGD Makerspace. Една од главните атракции беше кучето робот, кое настапи заедно со останатите учесници во ревијата, меѓу кои имаше и средношколци кои ги носеа новите дизајни на облека. Дел од модните елементи и додатоци беа изработени со примена на 3Д-печатење, а перформансот беше придружен со современа музика и специјално видео изработено од колегите од лабораторијата UGD Makerspace. Ваквите соработки ја потврдуваат важноста на поврзувањето на уметноста со технологијата, при што креативната идеја добива нови можности за реализација преку современи дигитални алатки и технолошка опрема. Интердисциплинарниот пристап создава простор за експериментирање, иновации и размена на знаења, овозможувајќи им на младите да ја развиваат својата креативност во чекор со технолошкиот напредок.

За модната ревија и колекцијата, проф. д-р Сања Ристески го кажа следново:

„Sci-Waste: FUTURE-FORM“ поаѓа од прашањето: што ако текстилниот отпад е, всушност, кодот на една нова естетика? Колекцијата претставува експериментален дијалог меѓу хаосот на отпадот и прецизноста на инженерството, истражувајќи како технологијата, конструкцијата и 3Д-структурите можат да му дадат нов живот на она што системот веќе го прогласил за вишок.

Визуелно, колекцијата нè навраќа кон крајот на 90-тите години и почетокот на новиот милениум, кога иднината ја замислувавме како радикално поинаков свет. Хромираното сребро, металните корсети, огледалните очила, каблите и црно-сребрениот контраст ја оживуваат фантазијата за средбата меѓу човекот и машината. Денес, кога таа замислена иднина се среќава со реалноста на вештачката интелигенција, човекот и понатаму останува креатор на идејата, а технологијата само ги поместува границите за нејзина реализација.

Sci–Waste не го бара луксузот во скапите материјали, туку во имагинацијата и способноста од постоечките ресурси да создадеме нова вредност. Колекцијата не го крие отпадот, напротив таа ни го сервира трансформиран, структуриран и поставен во неочекуван моден контекст, за да нè поттикне да ја преиспитаме сопствената перцепција за него.

Ова не е само уметнички приказ на сработеното, туку аларм за количината на текстилен отпад што ја создаваме додека постојано живееме со чувството дека нешто ни недостига. Целта е да нè примами, да нè испровоцира, да нè инспирира и, можеби најважно, да нè натера да започнеме промена.“