Проф. д-р Тамара Јованов Апасиева, Економски факултет, Универзитет Гоце Делчев – Штип
Разликата меѓу купувачот, плаќачот, корисникот и лицето со влијание врз одлуката може да ја промени целата маркетинг и комуникациска стратегија.
Една од честите грешки која се прави во маркетиншкото работење на компаниите е да се претпостави дека лицето што го купува производот е истото лице што го користи, го финансира и влијае врз изборот. Во некои ситуации, како на пример, набавка на утринско кафе за лична консумација тоа може да биде точно. Но, во повеќето ситуации во суштина се работи за покомплексни односи како што се семејните купувања, деловни набавки, купување на производи и услуги за здравје, образование и многу други категории, каде клучните улоги се распределени меѓу повеќе луѓе.
Прашањето „Кој е нашиот потрошувач?“ е потребно да го разгледаме во поширока смисла: „Кој иницира, кој избира, кој одобрува, кој плаќа, кој го користи производот/услугата и кој влијае врз одлуката?“. Кога овие улоги се различни, маркетингот мора да ги разбере сите релевантни учесници, а потоа да одлучи на кои од нив треба да им даде приоритет.
1. Разликување на улогите пред да ја дефинираме целната група
Купувачот е лицето или организацијата што го прави купувањето. Одлучувачот ја избира или ја одобрува опцијата. Плаќачот ги обезбедува средствата. Корисникот го употребува производот или услугата. Потрошувач е поим што често се користи за лицето кое го троши или користи производот, особено во потрошувачките пазари. Лицето со влијание ја обликува одлуката преку препорака, експертиза, искуство или авторитет (Sheth и сор., 1999; Webster & Wind, 1972).
Овие улоги не се секогаш одделни. Едно лице може да биде купувач, плаќач и корисник во исто време. Но, не треба однапред да се претпостави дека тоа е секогаш така. Купувањето често е процес со повеќе учесници, со различни интереси, различни прашања и различни критериуми за избор. Затоа бараат и соодветно место во маркетиншкиот пристап.
Купувачот и/или одлучувачот, сака да знае зошто да го избере токму нашиот бренд. Нему треба да му понудиме јасни придобивки, можност за споредба, доверба и лесна достапност. Плаќачот прашува колку чини производот и дали вреди. Затоа комуникацијата со него треба да се фокусира на цената, условите, вкупната вредност и финансиската оправданост. Корисникот, најчесто познат и како потрошувач, очекува да му решиме проблем, фрустрација, потреба или да му помогнеме да постигне цел. За него може да се клучни корисноста, искуството, функционалноста и задоволството од користењето. Лицето со влијание го интересира на кого и на што може да му верува. Него го убедуваме со релевантни докази, препораки, експертски мислења и репутацијата на брендот.
2. Што кога целната група не е една личност?
Целната група е една/неколку од идентификуваните пазарни сегменти што компанијата избира да ги услужува. Таа задолжително го опфаќа профилот на идеалниот корисник, но исто така и профилите на купувачот, одлучувачот и лицето со влијание, доколку тие се разликуваат. За конкретна маркетинг стратегија е важно да ги идентификува сите лица што треба да бидат убедени или активирани во одредена фаза во процесот на комуникација и продажба.
Разликата меѓу улогите е важна: корисникот може да биде центарот на дизајнот на производот, додека купувачот и одлучувачот се клучни за реализација на самата продажба.
Преку пример на едукативна детска играчка (B2C) тоа изгледа вака: Детето е корисник и има потреба од игра, интерес и предизвик за правилен развој. Родителот е крајниот купувач и одлучувач, па бара безбедност, квалитет и развојна вредност. Друг член на семејството може да ја плати играчката (како подарок или како извор на финансии), а наставник или друг родител да влијае врз изборот преку препорака (Davis, 1976). Ако во стратегијата решиме да комуницираме само преку порака за забава, можеме да го привлечеме детето, но да не успееме да ги одговориме прашањата на родителот. Ако зборуваме само за безбедност, можеме да не успееме да ја покажеме привлечноста за крајниот корисник – детето.
Слична е логиката и во B2B контекстот. При купување софтвер, вработените може да бидат корисници, ИТ тимот да ги оценува и наметнува техничките барања, набавки да ги споредуваат понудите, финансискиот директор да го контролира буџетот, а менаџментот да ја одобри инвестицијата. Истражувањата ни покажуваат дека организациските купувања треба да се разбираат преку улогите, односите и контекстот, а не само преку позицијата на едно лице (Johnston & Bonoma, 1981; Johnston & Lewin, 1996).
Пример на брендови кои редовно развиваат стратегии и кампањи базирани на добро разбирање на различните улоги во процесот на одлучување при купување се:
B2C – Argeta Junior (прехранбен производ):
Не се обраќа само на детето како краен потрошувач/корисник, туку ја гради комуникацијата околу детето и родителот, кои имаат различни потреби и влијание врз куповната одлука.
Кои улоги ги таргетира?
| Улога | Што е важно за неа? | Пристап на Argeta Junior |
| Дете / корисник | Вкус, забава, изглед и привлечност | Маскотата Junior, детски ликови, приказни и игри |
| Родител / купувач и носител на одлука (почесто мајката) | Квалитет, состав и нутритивна вредност, доверба и сигурност при изборот на храна за детето | Протеини, квалитетни состојки и избалансиран производ, одговорен избор и нутритивни придобивки |
| Малопродажни партнери | Продажба, препознатливост и интерес на потрошувачите | Промотивни активности и широка застапеност |
B2B – Siemens (индустриска технологија и иновација):
Siemens не ја продава индустриската технологија само на лицата што директно ќе ја користат, туку ја комуницира нејзината вредност и кон целните групи што учествуваат во одлуката за купување.
Кои улоги ги таргетира?
| Улога | Што е важно за неа? | Пристап на Siemens |
| Инженери и технички специјалисти / корисници | Технички карактеристики, функционалност, прецизност и сигурност | Комуникација за техничките перформанси, иновациите, дигиталните решенија и можностите за интеграција |
| Производствени и оперативни менаџери | Продуктивност, ефикасност и намалување на застои | Пораки за оптимизација на производството, автоматизација и подобрување на оперативните процеси |
| IT менаџери и CTO | Дигитална инфраструктура, поврзување на системи и сајбер-безбедност | Комуникација за дигитализација, индустриски софтвер, cloud решенија и поврзани производствени системи |
| Финансиски директори (CFO) | Трошоци, поврат на инвестиција и долгорочна исплатливост | Аргументи за намалување на оперативните трошоци, енергетска ефикасност и ROI |
| Оддели за набавки | Цена, комерцијални услови, квалитет и сигурност на добавувачот | Информации за понуди, услови за набавка, сервисна поддршка и долгорочна соработка |
| CEO и извршен менаџмент | Конкурентска предност, раст и долгорочна стратегија | Пораки за дигитална трансформација, иновации, одржливост и конкурентност на компанијата |
3. Како да ја приспособиме маркетинг стратегијата и тактиките?
Прво, потребно е преку истражување да го мапираме патот до купувањето. Да одговориме како настанува и кој го препознава проблемот/потребата, кој бара информации за негово решавање, кој споредува, кој одлучува, кој плаќа и кој го користи решението. Важно е мапата да ја потврдиме и преку разговори со нашите клиенти, продажниот персонал, дистрибутерите, вработените и постојни податоци од пазарот, наместо да се базираме на лични претпоставки.
Второ, да ги утврдиме критериумите за одлучување на секоја улога. Купувачот може да бара поголем избор и сигурност. Плаќачот може да се фокусира на буџет и вкупен трошок. Корисникот може да бара функционалност и позитивно искуство од употреба. Лицето со влијание да бара докази и кредибилитет на брендот. На основ на критериумите потоа правиме јасна понуда на вредност, која ги интегрира различните барања и се базира на аргументи релевантни за различните учесници.
Трето, да ги усогласиме елементите на маркетинг миксот. Производот треба да може да ги реши проблемите/потребите на корисникот, но и да ги исполнува критериумите за избор на оној што одлучува и на купувачот. Цената треба да ја одразува вредноста и да биде достапна за плаќачот. Дистрибуцијата треба да го олесни пристапот до производот и процесот на набавка за купувачот. Промоцијата/комуникацијата треба да одговори на различните прашања на секоја улога, со соодветен канал и доказ.
На претходниот пример за детска играчка, во комуникацијата со корисникот можеме да ја нагласиме забавата и дружењето. На купувачот и одлучувачот да им говориме за безбедноста преку споредбени информации, демонстрација и јасни развојни придобивки. За плаќачот да ја прикажеме цената и очекуваната вредност. На лицето со влијание да му обезбедиме проверливи информации, препораки или независни докази. Резултатите кои ќе ги ветиме, треба да можеме и да ги испорачаме.
4. Практична проверка за претприемачи и менаџери
За успешна интеграција на различните очекувања на учесниците во процесот на одлучување, потребно е да ги одговориме следниве прашања:
- Кој го препознава проблемот што нашиот производ го решава?
- Кој го избира/купува производот?
- Кој го одобрува и кој плаќа?
- Кој го користи производот и како ќе процени дали вреди?
- Кои луѓе можат дополнително да влијаат на одлуката и како да ни веруваат?
- Дали потрошувачот е навистина едно лице или повеќе лица?
- Дали ако се повеќе, дали секоја група добива релевантна порака, доказ и канал?
- Кои клучни показатели ќе ни покажат дека стратегијата функционира?
5. Рамка за мапирање на улогите во одлуката за купување
Одговорите на претходните прашања најлесно се систематизираат преку практична рамка за мапирање на улогите.
Табела 1 е работен шаблон/рамка за практична примена во бизнисот. За конкретен производ или сегмент, одговорното лице, оптимално – маркетер, ја пополнува за секоја важна улога. Една улога може да ја имаат повеќе лица, а едно лице може да има повеќе улоги.
Табела 1. Рамка за мапирање
| Улога | Кој конкретно? (лице / позиција) | Фаза во која учествува и главен критериум | Моќ (В/С/Н) и став кон нас | Маркетинг пристап – клучна порака и доказ | Маркетинг пристап -канали на комуникација и дистрибуција | KPI |
| Иницијатор | ||||||
| Корисник | ||||||
| Лице со влијание | ||||||
| Чувар на информации | ||||||
| Одлучувач | ||||||
| Одобрувач | ||||||
| Купувач | ||||||
| Плаќач |
Напомена: Изработено врз основа на Webster и Wind (1972), Bonoma (1982), Sheth et al. (1999) и Kotler et al. (2022). Моќ – висока (В), средна (С) или ниска (Н) моќ врз конечната одлука. Став – поддржувач, неутрален или противник на нашата понуда. Мапата е потребно да се потврди преку разговори со клиентите, продажниот персонал, дистрибутерите и преку постојните пазарни податоци, наместо врз лични претпоставки.
Не е потребно секоја улога да добие посебна кампања. Приоритетите се поставуваат според вистинската моќ во одлуката и степенот на вклученост во процесот (Табела 2).
Табела 2. Приоритет на улогите
| Ниска вклученост во процесот | Висока вклученост во процесот | |
| Висока моќ во одлуката | Да се убеди со клучни аргументи: кратки, стратегиски пораки (ROI, ризик, репутација).
Најчесто: одобрувач, плаќач. |
Приоритетна цел: посебна порака, доказ и личен контакт.
Најчесто: одлучувач, клучно лице со влијание. |
| Ниска моќ во одлуката | Да се информира: општа комуникација и лесно достапни информации.
Најчесто: чувар на информации. |
Да се активира како застапник: искуство, проба, заедница.
Најчесто: корисник, иницијатор. |
Извор: Изработено врз основа на Bonoma (1982) и Johnston и Bonoma (1981).
Табела 3а. Пример на пополнета рамка – B2C: едукативна детска играчка
| Улога | Кој конкретно? (лице / позиција) | Фаза во која учествува и главен критериум | Моќ (В/С/Н) и став кон нас | Маркетинг пристап – клучна порака и доказ | Маркетинг пристап – канали на комуникација и дистрибуција | KPI |
| Иницијатор | Детето (бара нова играчка) или родителот што забележува развојна потреба | Препознавање на потребата; интерес и забава (дете) или развој (родител) | С;
поддржувач кога играчката го привлекува детето |
– „Учењето може да биде игра“
– кратки видеа со деца во игра |
– Социјални мрежи и YouTube за родители,
– детски настани, – излог во продавница |
Досег, прегледи на видео, барања за информации |
| Корисник | Детето | Користење и оценување по купувањето; забава, предизвик, интерес | С (влијае преку желба и повторна употреба);
поддржувач ако игра долго |
– „Забавно, предизвикувачко, твое“
– маскота, приказни, игри, демо-штанд |
– Пакување,
– полица во продавница, – демо-катче, – детски ТВ и дигитални содржини |
Време на игра, задоволство (анкета кај родители), поплаки, повторни купувања од серијата |
| Лице со влијание | Наставник, воспитувач, педијатар, друг родител, инфлуенсер | Барање информации и споредба; стручност и кредибилитет | В;
неутрален додека не види доказ |
– „Поддржува развој на конкретни вештини“
– стручно мислење, – педагошка препорака, – независен тест |
– Работилници во градинки и училишта,
– стручни написи, – родителски групи и форуми |
Број на препораки, споменувања, сентимент, учество на работилници |
| Чувар на информации | Родителот што филтрира содржини и реклами; наставник што одобрува материјали во училница | Пред и за време на барањето информации; безбедност и соодветност на содржината | С;
внимателен, често резервиран кон реклами |
– „Безбедно, соодветно за возраста, без скриени реклами“
– ознаки за возраст, – транспарентни информации |
– Веб-страница со јасни информации,
– дистрибуција преку образовни институции |
Стапка на отворање и одговор, превземени материјали |
| Одлучувач | Родителот (почесто мајката) | Споредба и избор; безбедност, квалитет, развојна вредност | В;
неутрален до поддржувач |
– „Безбеден избор што навистина му помага на детето“
– сертификати, – состав, – споредба со конкуренција, – гаранција |
– Веб-страница,
– е-продавница со споредби, – продажен персонал во продавница |
Стапка на конверзија, удел во категоријата, прегледи на страницата со споредба |
| Одобрувач | Партнерот кога купувањето е поскапо или дел од семејниот буџет | Конечна потврда; оправданост на трошокот | С;
Неутрален |
– „Паметна инвестиција во развојот на детето“
– краток преглед на придобивките и вредноста |
– Е-пошта,
– споделена страница со производот, – препорака од друг родител |
Време од прв интерес до купување, напуштени кошнички |
| Купувач | Родителот во продавница или онлајн | Набавка; достапност, брза испорака, лесно враќање | С;
поддржувач кога набавката е едноставна |
– „Лесно до вас – денес во продавница или утре дома“
– бесплатна испорака, – лесно враќање |
– Малопродажни партнери,
– е-продавница, – поп-ап продавници во трговски центри |
Време на набавка, напуштени кошнички, повторни нарачки |
| Плаќач | Баба/дедо или роднина (подарок) или родителот | Плаќање; цена, вредност, погоден подарок | В за конечното плаќање;
Неутрален |
– „Подарок што забавува и учи“ ·
– уникатно пакување, – ваучер, – цена наспроти вредност |
– Продавници и е-продавница,
– Ваучери за подарок, – сезонски промоции (празници, роденден) |
Просечна вредност на нарачка, продажба на ваучери, сезонски пикови |
Напомена: Моќ – висока (В), средна (С) или ниска (Н) моќ врз конечната одлука. Став – поддржувач, неутрален или противник на нашата понуда. Проценките се илустративни и треба да се проверат преку разговори со клиентите и со продажниот персонал.
Табела 3б. Пример на пополнета рамка – B2B: деловен софтвер
| Улога | Кој конкретно? (лице / позиција) | Фаза во која учествува и главен критериум | Моќ (В/С/Н) и став кон нас | Маркетинг пристап – клучна порака и доказ | Маркетинг пристап – канали на комуникација и дистрибуција | KPI |
| Иницијатор | Раководител на оддел (на пр. продажба или финансии) што го чувствува проблемот | Препознавање на проблемот; губење време, грешки, бавни процеси | С;
поддржувач ако го препознае проблемот |
– „Колку ве чинат рачните процеси?“
– калкулатор на загубено време, – кратки студии на случај |
– LinkedIn,
– стручни блогови, – вебинари, – настани |
Досег, симнувања на содржини, генерирани контакти (leads) |
| Корисник | Вработените што секојдневно ќе работат со софтверот | Демо и пробна верзија, потоа секојдневна употреба; леснотија, брзина | С;
првично резервиран кон промени |
– „Помалку рачна работа, повеќе време за суштински активности“
– бесплатна проба, – обуки, – искуства од корисници |
– Пробна верзија,
– обуки, – бази на знаење, – корисничка заедница |
Стапка на активирање, активни корисници, тикети за поддршка, задржување |
| Лице со влијание | ИТ тимот, надворешен консултант, партнер-интегратор | Дефинирање барања и оценување; техничка компатибилност, интеграција | В;
неутрален, критички настроен |
– „Се интегрира со вашите постојни системи“
– техничка документација, – референци, – сертификати |
– Технички вебинари,
– документација, – партнерски мрежи, – стручни конференции |
Број на технички демоа, позитивни технички оценки, препораки |
| Чувар на информации | Асистент на менаџментот, оддел за набавки, ИТ безбедност | Пристап до одлучувачите и прелиминарен скрининг; релевантност и усогласеност | С;
формален, ги применува правилата |
– „Усогласено со вашите политики за безбедност и набавки“
– GDPR и ISO усогласеност, – безбедносни прашалници |
– Директна е-пошта,
– продажен персонал, – портали за набавки |
Стапка на одговор, закажани средби, поминати скрининзи |
| Одлучувач | Раководител на оддел или менаџментот на компанијата | Споредба на понуди и избор на добавувач; вредност, ризик, поддршка | В;
неутрален до поддржувач |
– „Најдобар однос на вредност и сигурност“
– споредба со конкуренти, – референтни клиенти |
– Презентации,
– продажни средби, – посети кај референтни клиенти |
Стапка на конверзија на понудите, удел во добиени тендери |
| Одобрувач | Генерален директор, управен одбор | Конечно одобрување на инвестицијата; стратегиско усогласување, ризик | В;
Неутрален |
– „Дигитализација што го поддржува растот“
– бизнис-кејс, – ROI, – долгорочна стратегиска вредност |
– Извршни средби,
– краток бизнис-документ (1-2 страници) |
Време до одобрување, процент на одобрени понуди |
| Купувач | Оддел за набавки | Набавка и договарање; услови, рокови, договор | С;
фокусиран на условите |
– „Транспарентни услови и сигурна соработка“
– јасна понуда, договорни услови, – поддршка |
– Тендерска документација,
– директна продажба, – партнери-дистрибутери |
Времетраење на набавката, успешно склучени договори |
| Плаќач | Финансиски директор (CFO) | Буџетирање и плаќање; вкупен трошок, поврат на инвестиција | В;
Скептичен |
– „Се исплаќа за X месеци“
– пресметка на вкупен трошок, – ROI, – флексибилни модели на плаќање |
– Финансиски бизнис-кејс,
– модели на претплата, – рати и сл. |
CAC, CLV, просечна вредност на договор, рок на поврат |
Напомена: Моќ – висока (В), средна (С) или ниска (Н) моќ врз конечната одлука. Став – поддржувач, неутрален или противник на нашата понуда. Проценките се илустративни и треба да се проверат преку разговори со клиентите и со продажниот персонал.
Кога купувачот, одлучувачот, плаќачот, корисникот и влијателот се различни луѓе, маркетингот мора да ја разбере пошироката слика. Не секогаш е потребно секој да добие посебна кампања. Но е клучно во интегриран маркетинг пристап, секој да добие релевантна причина да верува, да избере, да плати или да продолжи да го користи решението.
Нашата маркетинг стратегија и комуникација не треба да биде насочена кон сите на пазарот, ниту пак кон оние кои ни е најлесно да ги досегнеме, туку пред сè кон луѓето чии потреби и одлуки навистина го одредуваат успехот на нашиот бизнис.
Користена литература
Bonoma, T. V. (1982). Major sales: Who really does the buying? Harvard Business Review, 60(3), 111–119. https://hbr.org/2006/07/major-sales-who-really-does-the-buying
Davis, H. L. (1976). Decision making within the household. Journal of Consumer Research, 2(4), 241–260. https://doi.org/10.1086/208639
Johnston, W. J., & Bonoma, T. V. (1981). The buying center: Structure and interaction patterns. Journal of Marketing, 45(3), 143–156. https://doi.org/10.1177/002224298104500312
Johnston, W. J., & Lewin, J. E. (1996). Organizational buying behavior: Toward an integrative framework. Journal of Business Research, 35(1), 1–15. https://doi.org/10.1016/0148-2963(94)00077-8
Kotler, P., Keller, K. L., & Chernev, A. (2022). Marketing management (16th ed.). Pearson.
Sheth, J. N., Mittal, B., & Newman, B. I. (1999). Customer behavior: Consumer behavior and beyond. Dryden Press.
Webster, F. E., Jr., & Wind, Y. (1972). A general model for understanding organizational buying behavior. Journal of Marketing, 36(2), 12–19. https://doi.org/10.2307/1250972


