Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип денес беше домаќин на изложба на уметнички фотографии на м-р Стојанче Величковски. Изложбата е поставена во холот на факултетот, а официјално ја отвори проф. д-р Зоран Здравев, кој говореше за авторот и неговото творештво.

По отворањето, во свечената сала на факултетот, Величковски одржа кратко предавање посветено на фотографската уметност, со акцент на техниката на фотограми. „Оваа техника е специфична и денес ќе се обидам да им ја претставам на студентите. Таа личи на цртање преку фотографија. Дури и Пикасо работел фотограми“, истакна авторот.

Проф. д-р Зоран Здравев во своето обраќање го истакна значењето на ваквите изложби за академската заедница. „Благодарност до Факултетот за образовни науки и до деканот за можноста да се реализира оваа изложба, чија цел е да ја приближи уметноста до студентите. Ова е несекојдневна, експериментална фотографија од која младите можат многу да научат“, рече промоторот.

Дополнително, деканот на Факултетот за образовни науки, проф. д-р Трајче Стојанов, истакна дека ваквите иницијативи имаат значајна улога во развојот на студентите. „Ваквите изложби влегуваат во делот на неформалното образование на нашите студенти и ние како факултет секогаш ќе се трудиме да даваме поддршка на вакви настани кои го збогатуваат нивното искуство“, истакна Стојанов.
Настанот беше од јавен карактер и го проследија студенти, љубители на уметноста и претставници на медиумите. Фотографиите остануваат поставени во холот на факултетот во наредните неколку дена.


