Search

УНЕСКО со Повик за обука по научна комуникација во Италија за млади истражувачи

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ги информира студентите, младите истражувачи и академскиот кадар дека УНЕСКО, во соработка со Светската академија на науките (TWAS) и Универзитетот во Плимут, објави Повик за учество на меѓународната обука Science Communication Training for Young Professionals and Early-Career Researchers, која ќе се одржи на 13 и 14 октомври 2026 година во кампусот на Меѓународниот центар за теоретска физика (ICTP) во Трст, Италија.

Обуката се организира во рамките на Меѓународната декада на науките за одржлив развој (2024–2033), иницијатива предводена од УНЕСКО, чија цел е да го зајакне придонесот на науката кон одржливиот развој преку промовирање инклузивна, доверлива и општествено релевантна наука.

Програмата е наменета за млади професионалци и истражувачи кои сакаат да ги унапредат своите вештини за комуникација на научните сознанија со јавноста, медиумите и носителите на политики. Учесниците ќе стекнат практични знаења за ефективно презентирање на теми поврзани со животната средина, новите технологии, вештачката интелигенција и одржливиот развој, како и за градење доверба во науката и справување со дезинформации.

Во рамки на обуката ќе бидат обработени повеќе тематски области, меѓу кои: научната комуникација како алатка за управување, комуникација за технологии и вештачка интелигенција во функција на одржливоста, комуникација за водните ресурси, биодиверзитетот и климатските промени, научно раскажување приказни, соработка со медиуми и носители на одлуки, како и етика, инклузивност и младинско лидерство во научната комуникација.

За учество можат да аплицираат кандидати на возраст од 21 до 35 години, кои се државјани или се поврзани со институција од Европа или Јужен Кавказ. Право на пријава имаат студенти на магистерски и докторски студии, постдокторанди, млади академски кадри, професионалци и практичари кои работат во областа на науката или одржливиот развој и имаат добро познавање на англискиот јазик.

Предност ќе имаат кандидати кои се поврзани со биосферни резервати на УНЕСКО, глобални геопаркови, катедри и центри на УНЕСКО, владини институции, граѓански организации, младински мрежи и организации кои работат на прашања поврзани со одржливиот развој. УНЕСКО особено ги охрабрува жените да се пријават.

Бројот на учесници е ограничен, а за избраните кандидати, во зависност од расположливите средства, организаторите ќе ги покријат патните трошоци, сместувањето и оброците за време на обуката. По успешно завршување, учесниците ќе добијат сертификат.

Заинтересираните кандидати треба да ја пополнат онлајн апликацијата и да достават биографија (до три страници) и копија од страницата со лични податоци од пасошот на наведените електронски адреси.

Крајниот рок за аплицирање е 20 јули 2026 година.

Детални информации на следниот линк: https://articles.unesco.org/sites/default/files/medias/fichiers/2026/06/Call%20for%20Expressions%20of%20Interest_SC%20Training%20rev2.pdf