Search

Катедрата за турски јазик и книжевност на Филолошки факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ го одбележа Денот на образование на турски јазик во Македонија

Споделете

Катедрата за турски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ го одбележа Денот на образование на турски јазик во Македонија на 10 декември 2025 год. во Тренинг центарот на Правниот факултет во Штип. Културната програма ја отворија деканката на Филолошки факултет, проф. д-р Луси Караниколова-Чочоровска, проректорот за инвестиции и развој на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дарко Лазаров и советникот за образование при Амбасада на Република Турција во Македонија, Али Риза Алтунел. Културната програма содржеше интервју со турскиот поет, културен и општествен деец Рашит Пертев за кого пишувањето поезија претставува совест и обред.

Интервјуто со поетот Рашит Пертев го водеа организаторите на програмата, проф. д-р Марија Леонтиќ, проф. д-р Махмут Челик, доц. д-р Ивана Велкова и д-р Борај Идем. Во разговорот поетот Рашит Пертев ја раскажа улогата на поезијата во неговиот живот, во општеството, процесот на создавање на поезија и рефлексиите на општествените и личните превирања во поезијата. Песни од различни периоди на Рашит Пертев читаа студентите од Катедрата за турски јазик и книжевност: Мине Зурапова, Есра Алиова, Нихат Реџепов, Надица Тошева, Јована Златеска, Мерве Зекири, Реџаи Зекири и Меулан Незири.

На културната програма со своето присуство свечен тон дадоа студентите од Катедрата за турски јазик и книжевност и студентите од Турција кои студираат на УГД; турколозите кои вложуваат труд во подобрувањето на образованието на турски јазик во Македонија: доц. д-р Рефиде Шаини и проф. д-р Нуман Аруч, хонорарни наставници на Катедрата за турски јазик и книжевност при УГД; проф. д-р Осман Емин и доц. д-р Јудум Ѓормуш претставници од Катедрата за турски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“; проф. д-р Актан Аго, претставник од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“; ориенталистите: проф. д-р Сулејман Баки и д-р Елјеса Исмаили претставници од Катедрата за ориенталистика при Тетовскиот универзитет; проф. д-р Аднан Ќахил, проф. д-р Хулја Давут-Скука и проф. д-р Арјан Скука, претставници од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“; Осман Демирѓул, претставник на турската фондација МААРИФ која во својот колеџ има образование и на турски јазик; Мутлу Караџа и Хамит Илкер Чакмак, советници за внатрешни работи при Амбасада на Република Турција во Македонија и многу љубители на турскиот јазик и турската книжевност.