Правен факултет на УГД ја организира 12. Научна конференција „Општествените промени во глобалниот свет“.
– Оваа година конференцијата обединува над 100 учесници со повеќе од 60 трудови, кои доаѓаат од 15 различни земји. Ваквите бројки го потврдуваат меѓународниот карактер на конференцијата и интересот кој таа го буди кај истражувачите од различните области од домашната и од меѓународната академска јавност. Годинава како главни говорници ќе ги слушнеме професорот Џузепе Каталди од Универзитетот во Неапол, Италија, кој ќе говори на темата за предизвиците и примената на меѓународното право во услови на воена криза. Понатаму професорот Далибор Долежал од Универзитетот во Загреб, Република Хрватска, кој ќе презентира истражување на тема „Скриената економија и нелегалните пазари на дрога“. Третиот говорник е судијата Дарко Костадиновски од Уставниот суд на РСМ, кој зборува за концептот на живиот устав, односно динамичното толкување и приспособување на Уставот на брзите општествени промени. Годинава направивме добра селекција на темите на трудовите по области, најголем интерес имаме во секцијата право, а имаме и политичка секција, медиумски науки, општествени науки и мултидисциплинарна сесија. Посебно сме горди на сесијата за млади истражувачи, за која од година во година интересот се зголемува, што е доказ дека не само што конференцијата е традиција, туку е и инвестиција во иднината на научната мисла и општествената одговорност – изјави деканката на Правен факултет, проф. д-р Билјана Тодорова.
Инаку, професорот Каталди денес официјално беше промовиран во почесен професор на Правен факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски и деканката на Правен факултет, проф. д-р Билјана Тодорова.
Конференцијата „Општествените промени во глобалниот свет“ продолжи со презентациите на научноистражувачките трудови во секциите, а официјално ќе биде затворена на 26 септември.