Search

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Македонското геолошко друштво „ГЕОЛОГ“

Споделете

Меморандум за соработка потпишаа Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, претставуван од ректорот проф. д-р Дејан Мираковски, и Геолошкото друштво на Македонија (МГД „Геолог“), претставувано од неговата претседателка проф. д-р Соња Лепиткова.

Со Меморандумот се поставуваат основите за поцврста институционална соработка помеѓу академската заедница и стручните тела во областа на геологијата. Целта е да се обезбеди заемна поддршка во научноистражувачката работа, едукацијата на младите геолози, размена на експертиза и промоција на геолошката професија во државата и пошироко.

Универзитетот „Гоце Делчев“ останува посветен на развојот на природните и техничките науки, како и на унапредување на стручниот кадар кој претставува двигател на економскиот и научниот напредок на земјата.

Особено е значајно што само на УГД – Штип постои Факултет за природни и технички науки, во рамки на кој се едуцираат идните генерации на македонски геолози. Овој факултет претставува единствена високообразовна институција во државата која континуирано продуцира стручни кадри во областа на геологијата, подготвени да одговорат на современите предизвици во истражувањето и управувањето со природните ресурси.

Претседателката на МГД „Геолог“, проф. д-р Соња Лепиткова, ја потенцираше важноста од поврзување на друштвото со образовните институции како предуслов за јакнење на геолошката професија, поттикнување на младите истражувачи и афирмација на геологијата како стратешка научна гранка во државата.

Со овој Меморандум се отвораат можности за заеднички проекти, теренски истражувања, студентски практики и научни настани, кои ќе придонесат за подлабока интеграција на академското знаење со стручната пракса.