Универзитетот „Гоце Делчев“ денес го заокружи одбележувањето на патрониот празник 27 март, со промовирање на новите доктори на науки, кои на УГД докторирале во минатата, 2025 година. Промовирани беа вкупно 14 доктори на науки од Факултетот за медицински науки, еден на Факултетот за туризам и бизнис логистика и еден на Факултетот за природни и технички науки.

– Живееме во многу динамично општество, верувам дека науката е единствено решение за проблемите со кои се соочуваме, за развојот на општеството, за подобар и поквалитетен живот на сите, што претставува навистина огромно задоволство што денес ги промовираме новите доктори на науки, кои треба да бидат носители на таа наука, на развојот и на тој подобар и поквалитетен живот во иднина. Им посакувам многу успех на колегите, гордо да ја носат титулата со која се стекнале и да бидат вистински репрезенти и на Универзитетот и на областите во кои дејствуваат. Сигурен сум дека имаме многу добри кандидати, кои навистина се гордост за секој универзитет. Има интерес за студирање на трет циклус студии, дури на одредени факултети не можеме да ги задоволиме потребите, барањата на кандидатите, посебно од аспект на бројот на ментори, бидејќи бројот на ментори е ограничен. Ние како институција се трудиме да им овозможиме соодветни услови за истражување, да го поддржиме тоа истражување од сите аспекти – и од ресурсите кои се потребни, па дури и материјално да се обезбедат средства за тие истражувања. Јас навистина сметам дека е многу важно да имаме многу поголем и поквалитетен број на научници кои ќе ги решаваат проблемите. Не постои добро решение за ниту еден проблем доколку тоа не е базирано на наука.
Студиските програми на трет циклус студии бараат многу високи критериуми и нивната организација не е едноставна задача. На одредени факултети немаме доволно ресурси за да ги реализираме, меѓутоа поголем број од факултетите имаат докторски студии и се трудиме да го подигнеме квалитетот од сите аспекти. Новите закони кои се во процес на донесување бараат да се зголемат критериумите, јас сум сигурен дека ќе успееме да ги задоволиме критериумите и како универзитет да продолжиме со едуцирање на највисоко образованите кадри – изјави ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски.

Д-р Габриела Димова, специјалист радиолог, докторирала на темата следење на онколошките пациенти во однос на нивните промени во црниот дроб.
– Таквите промени ги следевме на компјутерска томографија и на ултразвук. Се забележува дека има примена, бидејќи тоа се хронични пациенти кои бараат континуирано следење на секои три или шест месеци, така што оваа тема беше многу корисна. Патот до докторска титула не е лесен. Мислам дека секој треба да се насочи кон тема од областа во којашто работи и да биде повеќе практично, со цел понатаму да се примени, да не биде некој докторат статистичка обработка на податоци, туку да има насока кон практичното, да може утре да се примени во секојдневната пракса – рече д-р Габриела Димова.
Меѓу докторите на науки од минатата година на УГД се најде и д-р Сашко Николов, со докторска дисертација на тема периферна артериска болест и третман на проширени вени.
– Тоа е тема од кардиоваскуларната медицина и ми претставува огромно задоволство да станам доктор на науки во склоп на Универзитетот „Гоце Делчев“, кој е наш, штипски. Завршувајќи ја супспецијализацијата на УГД, заедно со целиот тим од кардиолози кои работиме во штипската Клиничка болница, заедно со УГД, успеваме да помогнеме како практичари во едукацијата на студентите. Со завршувањето на ова најголемо и најсложено истражувачко подрачје во нашата пракса – докторирањето на одредена кардиоваскуларна тема – правиме значаен чекор напред, со кој го прошируваме и унапредуваме нашето научно делување во областа на кардиоваскуларната медицина – изјави д-р Сашко Николов.


