УГД, заедно со Општина Штип и УНДП, започна со реализација на тримесечен проект во кој студенти од факултетите на Универзитетот ќе волонтираат во Општината.
„Имаме партнерска соработка со УГД, директно со Правниот факултет, Економскиот факултет и Факултетот за образовни науки кои ни обезбедуваат 20 студенти кои ќе волонтираат во Општината во наредните три месеци. Целта на првата фаза од проектот е да обучиме млад кадар кој е во четврта година на студии и целта ни е овој млад кадар не само да го оспособиме да работи во јавен сектор, туку да биде подготвен да работи и во приватниот сектор. Сакаме да го покажеме принципот на функционирање пред студентите и да се стекнат со предзнаења за моментот кога ќе започнат со нивното официјално вработување. Студентите се поделени во различни оддели во општината, во зависност од нивните досегашни квалификации и факултети од кои доаѓаат“, изјави Вишна Шорова, советник во Кабинетот на градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

„Денес официјално го промовираме стартот на еден проект кој го реализираме заеднички со Општина Штип и УНДП и ќе го работиме во наредните три месеци. Целта на проектот е практично да им овозможиме на нашите студенти можност да се стекнат со практични искуства, односно вештини во различни сектори во Општината, кои понатаму ќе им помогнат да се вработат по завршувањето на студиите. На овој начин Универзитетот уште еднаш ја потврдува својата заложба и мисија на своите студенти покрај теоретско знаење да им овозможи проширување на теоретските хоризонти со практично искуство. Во исто време, ова е потврда за одличната соработка што УГД ја има со Општина Штип. Денес со градоначалникот разговаравме на повеќе теми кои се поврзани со проширување на овие волонтерски активности на нашите студенти со активности кои ќе бидат во насока на аплицирање на заеднички проекти во насока на развој на нашиот град и образовниот систем што го нуди Универзитетот во нашата земја, посебно во делот на регионалниот развој. Во таа насока ќе продолжиме и понатаму, УГД годинава покрај активноста што ја имаше ’Студентите учат од бизнисот’ продолжува со активноста ’Студентите учат од институциите’. Институциите се важна алка во општествено-економскиот систем и во таа насока овој проект, кој е поддржан од УНДП, е студентите да се стекнат со искуства и од институциите, а Општина Штип е една од клучните институции во тој општествено-економски социјален систем и мислам дека студентите ќе можат навистина да научат многу работејќи овде и понатаму тие знаења да ги практикуваат и во општината, но и во други сегменти од општеството и во нашиот регион“, изјави проф. д-р Дарко Лазаров, проректор за развој и инвестиции на УГД.

Драган Ристовски од УНДП е проект-менаџер на проект кој се спроведува со Општина Штип. Тој изјави дека во рамките на проектите што се спроведуваат со Општината, одлучиле да стапат во контакт со УГД и да ја реализираат идејата за пракса на студентите.
„Ова е еден модел што сакаме да го развиеме и да им го понудиме и на други факултети и универзитети за да помогнеме во процесот на спречување на одлевање на образован кадар од државата, односно што повеќе млади да се задржат во државата.“
Искра Постолова, студентка на Правен факултет, е еден од студентите кои учествуваат во проектот.
„Од име на сите студенти кои ќе учествуваат во овој проект им се заблагодарувам на Општина Штип и секако на УГД за дадената можност. За нас ова претставува предизвик и можност да се развиеме професионално и лично и верувам дека ќе го завршиме успешно. Сакам да ги мотивирам и другите студенти да ја искористат оваа можност.“


