Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ќе биде домаќин на JRC Summer School 2026 on the evaluation of air, soil and water pollution, меѓународна летна школа организирана од Заедничкиот истражувачки центар (Joint Research Centre – JRC) на Европската комисија, во партнерство со УГД.
Летната школа ќе се одржи од 14 до 18 септември 2026 година, во просториите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, и ќе биде фокусирана на холистички пристап кон проценка на загадувањето на воздухот, почвата и водата, во поддршка на Европскиот зелен договор.
Јакнење на зелени вештини и регионална соработка
Настанот има за цел да придонесе кон јакнење на зелените вештини и одржливи практики, во согласност со политиката на проширување на Европската Унија и процесот на двојната зелена и дигитална транзиција. Преку оваа иницијатива се поттикнува регионалниот економски развој и научната соработка во земјите од Западен Балкан.
За кого е наменета летната школа?
Право на аплицирање имаат:
- студенти на магистерски и докторски студии;
- млади истражувачи со најмногу пет години по дипломирањето;
- додипломски студенти можат да аплицираат, но приоритет ќе имаат напредните студенти.
Вкупниот број на учесници е ограничен на 25 лица, од земјите на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
Работниот јазик на летната школа е англиски јазик.
Учеството на летната школа е бесплатно, но учесниците самостојно ги покриваат трошоците за патување и сместување. JRC ќе обезбеди финансиска поддршка за првите 10 најдобро рангирани кандидати.
Повеќе информации на:


