Економскиот факултет на УГД и Фискалниот совет на РСМ ќе реализираат заеднички проекти и истражувачки активности, кои ќе бидат корисни за работата на Фискалниот совет. Со тоа, УГД на располагање ги става своите научни капацитети и експертите, а студентите ќе имаат можност одблиску и директно да дознаваат повеќе за работата на ова тело.
Меморандумот за соработка го потпишаа ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, и академик Абдулменаф Беџети, претседател на Фискалниот совет.

„Денес потпишавме Меморандум за соработка со една од врвните советодавни институции во областа на економијата, Фискалниот совет , кој е основан од Собранието и кој се грижи за надзор на фискалните политики во државата. Сметам дека за нас ова претставува една нова вредност, бидејќи врвни стручњаци од Фискалниот совет заедно со нашите колеги ќе овозможат подобрување на наставата, вклучување на експертите од Фискалниот совет во обуки, предавања, реализација на заеднички проекти, анализи и слично, едноставно заеднички активности кои ќе бидат од големо значење и за нашите професори и студенти, но и за Фискалниот совет како институција која би ги користела тие анализи во иднина. Ова е еден начин да направиме уште поголемо доближување на практичните, реалните проблеми кон нашите студенти, тие да бидат изложени на ново ниво на знаење и сигурен сум дека со ваквите чекори отвораме многу поголема перспектива за нашите колеги, за студентите и за професорите“, изјави ректорот, проф. д-р Дејан Мираковски.
Задоволство од потпишаниот Меморандум изрази и академик Беџети, потсетувајќи дека основни функции на Фискалниот совет се оценување на макроекономските политики, на фискалните ризици, и надгледување на фискалните правила.

„Упатувам голема благодарност до ректорот и до проректорот за можноста да вклучуваме академски кадар од Економскиот факултет од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Директната соработка ќе биде со деканката на Економскиот факултет, во смисла на вклучување на академскиот кадар, на научниците од економската област, за подготовка на разни истражувања, анализи, а се разбира и во делот на магистерските и докторските тези коишто можат да ни послужат во однос на тоа да создаваме поширока поддршка на науката за независно и точно утврдување на состојбите. Инаку, Фискалниот совет како тело нема свој голем капацитет доколку ги нема високообразовните научни институции“, потенцираше Абдулменаф Беџети.
Како што рече претседателот на Фискалниот совет, соработката ќе оди преку Економскиот факултет, а деканката проф. д-р Марија Гогова-Самоников истакна дека бенефит ќе имаат и двете институции, но и студентите и професорите на Економскиот факултет.
„За Економскиот факултет и студентите кои студираат на нашите насоки ова е огромна можност, каде што можат да ги воочат независните политики на Централната банка, од една страна, и Фискалниот совет, од друга страна, кој ја надгледува нивната работа. Соработката во суштина ќе се одвива во домен на истражувачки капацитети, размена на информации и искуства“, рече Гогова-Самоиников.
Академик Абдулменаф Беџети, освен работната средба со раководството на УГД и на Економскиот факултет, одржа и предавање пред студентите на Економски факултет.


