УГД официјално го отвори UGD Makerspace, лабораторија намената за студентите, професорите, средношколците, за реализација на нивните иновативни идеи. На нивно располагање ќе биде најсовремена технолошка опрема, како и менторска поддршка, а во завршна фаза и пристап до финансиски извори за реализација на идеите.
На свеченото отворање на лабораторијата UGD Makerspace присуствуваше и премиерот Христијан Мицковски, министрите Златко Перински и Александар Николовски, како и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
– Ова е важен настан за нас, тоа е нашата нова платформа за иновации, истражување и развој. Овој простор не се само собите полни со алатки и технологија, туку е простор каде што треба да се сретнат инженерството и креативноста, каде што секој наш студент, професор, истражувач, претприемач, па дури и ентузијаст ќе може инспирацијата да ја претвори во реалност. Иновациите не настануваат во изолација, тие се раѓаат во средини каде што се охрабрува истражувањето , соработката, па дури и успехот. Makerspace е токму таква средина која ќе биде отворена, достапна и водена од љубопитност. Оваа лабораторија, а и нашата цела инфраструктура, ќе биде достапна за студентите, пошироката академска заедница, стартапите, но и за целото стопанство во регионот. Без разлика дали го градат првиот робот, дали дизајнираат одржлив производ или прототип кој би ја сменил индустријата, нашите лаборатории ќе бидат отворени и ќе го поддржат тој пат. Би сакал да го искористиме Makerspace не само за создавање предмети, туку и за градење на заедница на мислители, творци и решавачи на проблеми. Со нетрпение ги очекувам резултатите од овие нови лаборатории – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.
– Навистина ми е драго што после година и пол напорна работа успеавме да стигнеме до овој свечен момент, кога ја отвораме и пуштаме во употреба лабораторијата UGD Makerspace. Лабораторијата има повеќе функции, една од нив е секако поддршка за научноистражувачката работа за којашто и сега зборувавме со премиерот. Втората е секако поддршка во едукативниот процес, и тоа не само за студентите кои студираат на УГД, туку и за сите оние коишто учат во средните училишта и во тој контекст ние веќе воспоставивме меморандум за соработка со голем број средни училишта во регионот, а веќе утре ги имаме првите активности коишто се целодневни, во соработка со професорите од Средното стручно училиште „Коле Нехтенин“ во Штип. Во рамките на оваа лабораторија ќе работиме на една специјализирана програма којашто се однесува на децата со посебни образовни потреби, за која веќе со специјализирани здруженија и со регионалните ресурсни центри воспоставивме исто така меморандуми и платформи за соработка на заедничко делување и, секако, тука е и поддршката за бизнисот и стартапите, каде што нудиме поддршка за сите оние кои имаат иновативни и претприемнички идеи. Веќе го распишавме и првиот Повик, на кој има одличен одѕив на апликации. Она што ние ќе им го понудиме е всушност наменска, специјализирана менторска поддршка и, нормално, услови, ресурси за работа и реализација на нивните иновативни идеи, а потоа во соработка со останати здруженија, како што се Ситхаб и Бизнис мрежата на ангели инвеститори, ќе им понудиме и пристап до финансии – рече проф. д-р Сашо Коцевски, декан на Факултетот за информатика.
Тој додаде дека UGD Makerspace веќе е дел и од соработката со деветте универзитети партнери од Европската алијанса на универзитети чиј член е и УГД.