На Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип започна 13. Меѓународна научна конференција под наслов „Општествените промени во глобалниот свет“, која на 24 и 25 септември обединува над 100 научници и истражувачи од 15 земји во светот.
Оваа конференција претставува значајна платформа за обработка на актуелни теми од повеќе општествени области, вклучувајќи ги правото, политиката, медиумите и комуникациите, безбедноста и социологијата.Свеченото отворање беше одбележано со обраќања и презентации на врвни домашни и странски експерти, а деканката на Правниот факултет, проф. д-р Билјана Тодорова, ја истакна важноста на конференцијата:
„За нас е особено значајно што и оваа година конференцијата е место каде што се среќаваат различни научни области, искуства и се споделуваат различни перспективи. Особено задоволство ни е што имаме три главни говорници со навистина актуелни теми: професорката Јованка Јакоблек Халалик од Универзитетот во Варшава, Полска, која ќе зборува за улогата на правото и административното право во заштитата на демократијата во време на неизвесност; професорката Хелга Шмадина од Правниот факултет од Универзитетот Кошице, која ќе се осврне на вештачката интелигенција во образованието и како таа може да се користи како алатка за унапредување на наставата и критичкото размислување и нашиот трет главен говорник, професорот Бесир Чу од Етничкиот колеџ во САД, којшто ќе зборува за меѓународната соработка во развојот на наставни програми за истраги на сајбер криминал и за правното образование во ерата на вештачката интелигенција.“
Проф. д-р Тодорова додаде дека темите на овогодишната конференција се мошне диверзифицирани – од правото, човековите права и европските интеграции, до вештачката интелигенција, медиумите и политиката, нагласувајќи дека целта е преку науката и аргументираната дискусија промените да се разберат и да се пренесат до пошироката стручна јавност.
Како еден од главните говорници, д-р Јованка Јакубек Лалик, професорка на Факултетот за право и администрација на Универзитетот во Варшава, Полска, во своето обраќање истакна:
„Моето денешно излагање е посветено на темата за тоа колку јавната администрација и управното право се всушност важни за демократијата, особено во време кога се соочуваме со опаѓање на демократијата во многу земји ширум светот – во Европа, во САД и во други региони. Затоа, се прашав, до кој степен правото навистина може да ја спаси демократијата и до кој степен може да одговори на ваквиот вид предизвици.“
Свој осврт кон долгогодишната соработка и современите предизвици даде и д-р Хелга Шпадина, професорка на Правниот факултет на Универзитетот „Јосип Јурај Штросмаер“ во Осиек, Хрватска:
„Со Правниот факултет во Штип соработуваме веќе 13 години, и на оваа конференција и на други заеднички активности како што се размена на наставници, размена на студенти, и навистина ни е драго што сме дел од оваа конференција и што можеме да ја одржиме оваа добра соработка меѓу хрватските и македонските факултети. Денес имаме две теми. Првата тема е поврзана со употребата на вештачката интелигенција како педагошка алатка во образованието на адвокатите, а втората тема е поврзана со информираната согласност и виртуелната порнографија. Моето лично мислење е дека тоа многу им помага и дека ние како наставници мора да ги вклучиме алатките на вештачката интелигенција во правното образование, но тоа не ја намалува улогата на наставникот и мое мислење е дека наставникот сега е поважен од кога било во секое образование, особено во образованието на адвокатите. Денес, користејќи примери од европската правна пракса, ќе покажам зошто е важно за нас да ја објаснуваме и толкуваме правната норма и зошто тоа може да го прават само луѓето, а тој дел не можеме да го оставиме на вештачката интелигенција. Бидејќи тоа е многу сложен процес каде што мора да ја толкувате правната норма на таков начин што ќе испитате колку е ефективна, колку е ефикасна и мора да ја ставите во контекст на други правни норми во системот, а вештачката интелигенција не може да го стори тоа.“
За значењето на технологијата и вештачката интелигенција во безбедносниот сектор зборуваше и д-р Кеј Си Чо, заменик-декан на Факултетот за општествени науки, комуникации и хуманистички науки при колеџот „Ендикот“ од Масачусетс, САД:
„Темата со која ќе се претставам е употребата на вештачката интелигенција поврзана со сајбер криминал, истрагите за сајбер криминал и примената на вештачка интелигенција во кривичното право. Алатката базирана на вештачка интелигенција може да им помогне на многу истражители и детективи да се снајдат во големи количини податоци при следењето на сајбер-криминалци, трансакции поврзани со финансиски криминал и трговија со дрога, како и при откривањето на начините на кои тие се кријат, планираат напади врз одредени агенции или системи или пак меѓусебно соработуваат. Кога истражуваме криминалец во сајбер-просторот, треба да откриеме кој е тој, каде живее, каде се движел во последните неколку месеци, со кого комуницирал и какви информации разменувал. Станува збор за огромно количество информации. Понекогаш на детективите им е потребно многу време за ова, но вештачката интелигенција ќе ни помогне да го намалиме времето и вложениот труд, како и да нè насочи кон поефикасна истрага.“
Конференцијата продолжува со работа во текот на овие два дена низ неколку тематски панели, презентации и интерактивни сесии, отворајќи нови хоризонти за научна соработка и истражување.


